Разиграна и распеана Битолска чаршија со „Кафе Де Анатолија“ и „Диванхана“ на Локум фест Битола

Со претставувањето на етно проектот „Кафе Де Анатолија“, Били Естебан и Александар Јовевски, севдах бендот ,,Диванхана” од Сараево и дј сетот на Били Естебан, Локум фест и се оддолжи на битолската чаршија за сета радост и дух кој и го даде на овој фестивал кој точно пред 20 години започна токму тука.

„Кога гледате радосни лица кои играат и се веселат, знаете дека мисијата е успешна. Голема благодарност до сите кои помогнаа да се случи Локум фест, од дуќанџиите, до тимот, мајсторите за бина и транспорт, звук и светло и куп луѓе за кои треба време да се набројат, пред се благодарност до Општина Битола и Бит фест и секако Министерството за култура и туризам без кои овој фестивал не ќе дојдеше до овде“, истакнува организаторот.

Етно проектот „Кафе де Анатолија“, проект на органик хаус музика со етно елементи ги разигра присутните. Музичарите соработуваат со над 4000 диџеи и продуценти од целиот свет и нивниот каталог содржи над 6000 музички композиции. „Кафе де Анатолија“ е најнаградуваната издавачка куќа на Јутјуб со 31 Creator award. Нивните живи настапи се повеќе од само изведба, тоа е прослава на традицијата, иновацијата и универзалниот јазик на музиката. Продукциската куќа „Кафе де Анатолија“ е меѓународно позната. Ја основаа Зоран Илиев, познат како Били Естебан и неговите деца Моника и Никола во 2017, а концептот го имале од 2009.

„Мило ми е што сум повторно во Битола и оваа година. Претходните години имав можност да настапувам заедно со групата „Монистра“, со Александар Јовевски, минатата година имав мој самостоен концерт, а сега заедно со „Кафе де Анатолија“ и Александар Јовевски со кој имаме 20 годишна соработка, а од пред неколку години започнавме и со Били Естебан“, ни изјави девојката со прекрасен глас, познатата вокалистка на македонска традиционална музика, Габриела Новевска и додава:

„Пред се треба да си го чуваме и промовираме она нашето и почитуваме, за да може и било кој странец кога ќе дојде да го препознае тоа и да го почитува. Ви го честитам јубилејот на фестивалот и посакувам да дочекаме уште многу јубилеи заедно и се надевам дека уште многу македонски изведувачи ќе бидат дел од истиот, продолжете да бидете препознатлив бренд.

Новевска е дел и од националниот ансамбл „Танец“, проектот „Те кажувајет, Илино моме“ и многу други.

„Кафе Де Анатолија“, Били Естебан и Александар Јовевски на публиката и понудија добар ритам искомбиниран со звукот на кавалот и канонот.

Следуваше настапот на една од најпознатите балкански етно групи – Divanhana од Босна и Херцеговина. Основани во 2009 година во Сараево од студенти на Музичката академија при Универзитетот во Сараево, со идеја традиционалната босанска севдалинка да ја претстават во современо музичко руво, инспирирано од џезот, класичната и светската музика. Во 2023 година, британското списание Songlines ги прогласи Divanhana за „Best Group“ на Songlines Music Awards, што претставува едно од најголемите меѓународни признанија за традиционалната музика од Босна и Херцеговина. Со својата врвна музичка изведба, емотивен вокал и препознатлив сценски израз, Divanhana денес е еден од најважните амбасадори на босанското музичко наследство на светската сцена.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK