Фестивалот „Анибар“ во Пеќ повторно ги обедини младите креативци од регионот
Градот Пеќ деновиве е домаќин на 17. издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анибар“, кој обединува филмски автори, уметници, млади креативци и љубители на анимацијата од Западен Балкан, Европа и светот. Во текот на седумте фестивалски денови, посетителите имаат можност да проследат стотици анимирани филмови, мастер-класови, изложби, панел-дискусии и други културни настани.
Со текот на годините, „Анибар“ прерасна во повеќе од фестивал за анимиран филм, позиционирајќи се како платформа што ги поврзува уметноста, младинскиот активизам, општествената одговорност и регионалната соработка. Преку поврзување на младите автори со меѓународно признати професионалци, фестивалот создава можности за учење, размена на искуства и развој на креативната сцена во регионот.
„Нашиот фестивал има значаен придонес за локалната културна сцена, не само преку содржините што ги создаваме, туку и преку идеите и можностите што ги отвораме за луѓето кои се занимаваат со анимиран филм“, изјави основачот на фестивалот Вулнет Санаја. Според него, организацијата, која е предводена од млади луѓе, придонесува и за развојот на независната културна сцена во Косово преку нов пристап во организирањето настани, што овозможува поголема слобода за експериментирање и отворање кон нови идеи.
Европската Унија ја поддржува оваа визија преку проектот „Поттикнување одржливи партнерства и дијалог: Соработка во областа на уметноста и културата меѓу Косово и Србија“, насочен кон создавање нови можности за младите, промовирање на меѓукултурниот дијалог и зајакнување на регионалната соработка преку културата и креативните индустрии.
„Оваа поддршка ни помогна да ги зајакнеме меѓународните партнерства, да развиеме уметнички продукции и да се посветиме на пошироки културни и општествени прашања. Реализиравме проекти за подобро користење на јавните простори, инспирирани од европски практики, како и иницијативи што ги обединија уметниците од Косово и Србија да создаваат заедно, надминувајќи ги поделбите што ги наметнува дневната политика“, рече Санаја.
Во рамки на фестивалот, во соработка со програмата WeBalkans, беа организирани три работилници за деца на возраст од 10 до 14 години, водени од пет млади европски амбасадори. Дел од програмата беше и мобилна интерактивна инсталација со игри и едукативни активности.
„Учесниците активно дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во образовниот систем. Иако работилницата беше посветена на проблемите, тие понудија и конкретни решенија, покажувајќи критичко размислување и лидерски потенцијал“, изјави Ена Хајдаревиќ, млада европска амбасадорка од Босна и Херцеговина.
Нејзината колешка Ести Пиранеј од Албанија оцени дека работилниците покажале колку е важно младите да имаат простор за слободно изразување на своите идеи.
Со поддршка на WeBalkans беше организирана и четиридневна креативна работилница на која младите учесници комбинираа фотографија, стоп-анимација и раскажување приказни. Откако фотографираа детали од фестивалскиот простор, нивните фотографии ги претворија во анимирани сцени користејќи глина, хартија, цртежи и колаж, истражувајќи нови начини на визуелно раскажување приказни.
„Фестивалот Анибар е одличен пример за тоа како поддршката на Европската Унија за културата, креативните индустрии, образованието и младите придонесува за локалниот развој. Тој покажува како креативноста, анимацијата, раскажувањето приказни и граѓанскиот активизам помагаат во обликувањето на иднината на Западен Балкан“, изјави Ралука Костаке, тим-лидер на програмата WeBalkans.
Меѓу учесниците на годинашното издание е и српскиот режисер Војин Васовиќ, кој ја претстави својата анимирана серија „Nome Is an Island“, посветена на врсничкото насилство и последиците од неправдата.
„Фестивалите како Анибар се ретки места каде што се среќаваат авторите и публиката заинтересирана за независната културна сцена. Тие се особено важни за дистрибуцијата на анимирани содржини, кои сè уште се недоволно застапени на Балканот“, истакна Васовиќ.
Косовскиот филмски автор Дурим Клаиќи смета дека фестивалот создава простор за дијалог преку филмот.
„Низ годините Анибар придонесе за развојот и промоцијата на анимацијата во Косово, а истовремено го позиционираше како дестинација за режисери и аниматори од целиот регион. Филмот останува еден од најмоќните начини за раскажување приказни и отворање дијалог, што е клучно за подобро меѓусебно разбирање и соработка меѓу општествата на Балканот“, рече Клаиќи.
Организаторите порачуваат дека „Анибар“ продолжува да инспирира нови генерации млади креативци и да покажува како културата, соработката и имагинацијата можат да ги поврзат луѓето во регионот. Со поддршка на Европската Унија и програмата WeBalkans, фестивалот создава нови можности за младите да учат, да се поврзуваат и своите креативни идеи да ги претворат во реалност.
Comments are closed.