Стојаноски: Опозицијата ја блокираше изборната реформа, Македонија останува без 4,2 милиони евра
Македонија нема да го исполни рокот за усвојување на новиот Изборен законик, а поради блокадите од опозицијата државата ќе остане без 4,2 милиони евра, обвини денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој посочи дека 15 јули бил последниот рок за усвојување на изборната реформа, но на денешната пленарна седница Изборниот законик воопшто не се нашол на дневен ред. Според Стојаноски, тоа значи дека Македонија нема да ја исполни една од десетте обврски, со што ќе ги изгуби и средствата во износ од 4,2 милиони евра.
Стојаноски нагласи дека во изминатите четири месеци се воделе разговори во рамки на Министерството за правда и во Собранието, при што, како што рече, владејачкото мнозинство понудило договор до опозицијата за заедничко усвојување на законското решение.
Според него, наместо договор, следувала свесна блокада од страна на опозицијата, која, како што оцени, не покажала подготвеност да седне на заедничка маса и да постигне консензус за изборните измени.
„Ова што го гледаме е театар на свесна блокада, која треба да им служи како алиби за наредниот изборен пораз“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека, и покрај најавите, не биле одржани средби меѓу опозициските партии за финализирање на законот, оценувајќи дека тоа оди на штета и на препораките што, како што рече, ги упатиле европските претставници.
Стојаноски ја обвини коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица дека е директно одговорна за неусвојувањето на Изборниот законик, оценувајќи дека со тоа не само што ја спречиле реформата на изборниот процес, туку ги лишиле и граѓаните од 4,2 милиони евра кои, според него, требало да бидат искористени за проекти и подобрување на животниот стандард.
Тој истакна дека средствата ќе останат недостапни поради неисполнувањето на обврската во предвидениот рок, додавајќи дека граѓаните треба да знаат кој ја сноси одговорноста за тоа.
Според Стојаноски, со ваквиот потег најголема штета трпат и граѓаните во државата и македонската дијаспора, а, како што оцени, опозицијата ги ставила партиските интереси пред интересите на државата.
Comments are closed.