Исти правила за Македонија како и за другите членки и кандидати, побара Мицкоски пред Кос
Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос порача дека Владата ја цени поддршката што ја добива од Европската комисија и очекува евроинтегративниот процес да се одвива според јасни правила и критериуми.
„Ја цениме помошта што ја добиваме од ЕК, стручната и финансиска. Очекуваме ЕУ интеграцијата да остане процес што се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес кој ќе биде оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност и фрустрација кај македонските граѓани“, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос.
Премиерот истакна дека земјата останува посветена на реформската агенда и на исполнувањето на обврските на патот кон Европската Унија.
„Важно е да постои доверба дека процесот ќе продолжи според истите правила што важат и за сите други кандидати и за сите држави коишто биле кандидати. Нашата определба останува и не е променета. Ќе продолжиме со реформите, ќе ја јакнеме економијата, институциите и владеењето на правото“, рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ставот на Владата останува непроменет кога станува збор за изнаоѓање трајно решение во евроинтегративниот процес.
„Остануваме доследни на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано на взаемно почитување, заштита на националното достоинство и јасно предвидлива европска перспектива“, рече Мицкоски.
Comments are closed.