Нема договор за Изборниот законик: ВМРО-ДПМНЕ со нов предлог – опозицијата да се договори, ќе прифатиме сè

Ниту по денешната средба на координаторите на пратеничките групи нема договор за Изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ предложиле опозицијата да постигне заеднички став за сите нивни барања вклучително и гласањето на дијаспората, а сето тоа ќе им биде прифатено.

-Да седнат да се договорат за една изборна единица, да седнат да се договорат за модел за финансирање, да седнат да се договорат за поплаките и начинот на кои што тие би биле прифатливи и да седнат и меѓу себе да се договорат дури и за моделот за изјаснување на дијаспората. Сето тоа кое што овие опозициски партии ќе го понудат до нас преку еден пречистен текст на закон ние тоа ќе го прифатиме, вели Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВЛЕН инсистираат партиите да се договорат за дијаспората да може да гласа.

-За нас како ВЛЕН важно е дијаспората да има можност да гласа без разлика дали преку електронско гласање или по пошта, но да бидат безбедни, транспарентни и сигурни форми во согласност со меѓународните стандарди, изјави Беким Ќоку, координатор на ВЛЕН.

СДСМ со став, ние не сме против гласањето на дијаспората, туку за модел, кој според нив отвора простор за изборни малверзации.

Од ДУИ велат дека тоа што нема договор за Изборниот законик е бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се повлекло од претходно договореното на работната група, верзија која ДУИ ја потпишала. Од партијата велат дека за секој договор е потребен меѓуетнички и меѓупартиски консензус.

-По доставувањето на предлогот во Собранието ВМРО-ДПМНЕ се повлече од две суштински точки на договорот. Прво од електронското гласање на дијаспората барајќи гласањето да се спроведува по пошта. Воедно остануваме цврсто на нашиот став дека на државата и е потребана една изборна единица но со отворени листи за пратеници и со изборен праг од 5%, изјави Рина Ајдари, координатор на ДУИ.

Претседателот на Албанската лига Зијадин Села констатира дека повеќе е потребно да се разговара за отворени листи.

-Ги повикуваме сите политички актери за да прифатиме отворени листи и не треба тоа да биде само изјави. Секој политички актер, сите тврдат дека да се за отворени листи ама денеска сте сведоци кои се тие актери кои не се за отворени листи, вели Зијадин Села.

Од Левица, кои бараа укинување на платеното политичко рекламирање велат дека не им било прифатено. Сметаат дека поприоритетно е да се постигне договор за една изборна единица.

-Мислиме дека, ако околу нешто треба да се ценкаме, да се кошкаме и да се кршат копјата, треба околу една изборна единица а не унапредување на системот на гласање на дијаспората бидејќи тоа прашање се појави од нигде никаде некаде последните два три состаноци на работната група на Изборниот законик, вели Борислав Крмов од Левица.

Од СДСМ не излегоа со став по денешната средба. И по неколкуте инсистирања на новинарите, координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски одби да даде изјава и рече дека својот став ќе го изнесе друг пат.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK