Али пак се жали: „Претставување на Самитот на НАТО без Албанци не е претставување на државата“
Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше на составот на македонската делегација на Самитот на НАТО во Турција, оценувајќи дека во неа нема ниту еден претставник од албанската заедница.
Од партијата наведуваат дека ваквиот состав, според нив, е одраз на политички пристап кој државата ја третира како сопственост на една етничка заедница, додека Албанците се сведени на споредна улога.
„Северна Македонија е мултиетничка држава и членка на НАТО благодарение на политичката архитектура изградена врз еднаквост, соодветна застапеност и Охридскиот рамковен договор“, велат од ДУИ.
Партијата смета дека државните делегации треба да ја отсликуваат етничката и општествената структура на земјата, а не, како што наведуваат, да ја занемаруваат.
Според ДУИ, отсуството на претставници Албанци во делегацијата на највисокото меѓународно претставување испраќа погрешна порака до граѓаните, до сојузниците во НАТО и до меѓународната јавност.
„Државата не е соодветно претставена кога значаен дел од нејзината реалност е оставен надвор“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Comments are closed.