Потпишан договор за автопатот Скопје–Блаце, на цела територија на државата ќе се развиваат шест автопатски делници
Договор меѓу ЈПДП и ЕБОР за грант средства за изградба на автопат Скопје-Блаце беше потпишан денеска во Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ова е проект кој со децении бил најавуван, а за него е големо задоволство што наскоро на целата територија на државата ќе се развиваат шест автопатски делници.
„Покрај оваа која треба да го оврзе главниот град во Блаце, тука се и делницата која треба да ги поврзе Тетово и Гостивар, Гостивар со Букојчани, го завршуваме делот од автопатото Кичево-Охрид, Прилеп-Битола и наскоро очекувам да биде завршена процедурата која треба да го поврзе Букојчани со Кичево. Заедно со оваа автопатска делница, очекувам овие шест автопатски делници во еден момент да се реализираат. Тоа ќе биде голема додадена вредност за македонската економија“, појасни Мицкоски.
Токму економскиот развој, посочи премиерот, претставува еден од врвните приоритети на Владата.
„Градежништвото како еден од главните носители на економскиот развој во годините кои следат, очекувам да продолжи со несмалена динамика. Со април имаме исклучително висок степен на реализција на проекти, за речиси една третина подобро од минатата година истиот месец. Очекувам во таа насока да се децижат работите и во периодот кој следи“ – посочи Мицкоски.
Изградбата на вториот дел од автопатот Скопјe-Блаце се очекува да започне во август и да трае околу четири години, најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
„Теренот е ридско-планински и е дел од масивот Скопска Црна Гора. Ова е исклучително тежок терен за градба. Затоа, проектот предвидува 5 двоцевни тунели, со вкупна должина од околу 5 километри, 9 мостови со должина од 2,5 километри, 11 надвозници, 4 галерии за стабилизација на наклонот, секој со должина од 1 километар, како и 9 потпорни ѕидови, кои се исто така за стабилизација на наклонот. Очекуваме изградбата да започне во август оваа година. Според договорот, периодот на изградба е приближно 4 години. Избран е консултантот, избран е изведувачот, додека надзорот е во фаза на евалуација и очекуваме наскоро да биде избран“, изјави Трајановски.
Comments are closed.