„Безбеден град“ ќе лови и странски таблички – Тошковски најави нов чекор во системот
Најавата ја соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за време на промоцијата на кампањата „Вози одморен“ на граничниот премин Табановце, заедно со колегата министер од Србија Ивица Дачиќ.
Тошковски упати апел до странските возачи и до иселениците кои транзитираат низ државата, особено по Коридорите 8 и 10, доследно да ги почитуваат сообраќајните правила.
– Системот „Безбеден град“ функционира и ќе се однесува на сите, без разлика дали возилото е со македонски или со странски регистарски таблички. Наскоро ќе бидете сведоци на целосна имплементација на вториот чекор, кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски возила. Ако во 21 век не најдеме начин за достава на овие казни, тогаш имаме проблем самите со себе – рече министерот.
Првиот човек на МВР објасни дека прекуграничната достава на казни е сложен процес, но нагласи дека институцијата веќе има подготвено решение кое наскоро треба да профункционира во пракса.
Comments are closed.