Невреме го поплави Скопје: подвозници под вода, улици се претворија во реки, возила останаа заглавени (ФОТО+ВИДЕО)
Големо невреме попладнево го зафати Скопје. Силниот град и поројниот дожд ги поплави улиците и возилата, сообраќајот е во колапс во најголем дел од градот, а поплавен е и Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Особено загрижувачка е ситуацијата на Клиниката за онкологија, во која што е поплавен долниот кат, каде што се врши радиотерапија. Има голем број скршени дрвја и паднати покриви. Штети има во сите скопски општини.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека ќе го активира кризниот штаб.
Тој посочи дека градските служби се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции, со цел навремено да се реагира при евентуални поплави, штети или други последици од невремето.
Според Ѓорѓиевски, сите расположливи капацитети се ставени во функција, а екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.


Воедно, тој упати апел до граѓаните да бидат внимателни, смирени и да соработуваат со надлежните служби, нагласувајќи дека, иако невремето не може да се спречи, со навремена и организирана реакција може да се намалат неговите последици.



Comments are closed.