Клековски е новиот министер за Здравство, Шасивари во Правда, Перински во ФЗОМ, Стоиљковиќ во Локална самоуправа

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва по седницата на Извршниот комитет на партијата го соопшти предлог составот на неговиот нов Владин кабинет по разговорите со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ за владина реконструкција.

Мицкоски соопшти дека нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, досегашниот министер за локална самоуправа.

Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, досегашниот заемник-министер.

Ова се два нови ресори со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите ќе биде Ерџан Демир.

Една од позначајните структурни промени е одлуката да не се именува потпретседател на Владата задолжен за добро владеење. Мицкоски во денешното интервју на „Телма“ рече дека смета дека овој концепт е поефикасен доколку биде директно под ингиренции на неговиот кабинет.

Ценам дека како концепт би бил најпродуктивен доколку биде дел од мојот кабинет. Таму веќе имаме секретари задолжени за следење на реализацијата на програмата на Владата и за владините политики, истакна премиерот, додавајќи дека на овој начин се намалува бројот на членови на Владата, а се зголемува ефикасноста.

Министерка за образование и наука останува Весна Јаневска, за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за спорт Борко Ристовски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заменик претседател на Владата за политички систем Љупчо Димовски, министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министер за дигитална трансформација останува Стефан Андоновски.

Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за што е постигната согласност. Партијата ќе добие министер без портфолио.

На денешната седница на Изршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан и нов претседател на Унијата на млади сили – Тодор Коневски, кого во партијата го сметаат за млад и перспективен човек со силна енергија.

Нова претседателка на Унијата на жени е владиниот портпарол, Марија Митева.

ЗНАМ попладнево објави дека тие го преземаат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и дека нивен предлог за министер е досегашниот државен секретар во Министерството Борче Серафимовски. Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација.

„Вреди“ ги презема министерствата за правда, за култура и туризам, и за односи меѓу заедниците, а остануваат и секторите животна средина, европски прашања и економија и труд.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK