Мицкоски најави: Поранешни функционери наскоро пред лицето на правдата

Премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Директно“ упати остри критики кон дел од правосудниот систем и одговори на обвинувањата од опозицијата. Тој најави дека се очекува одговорност за поранешни функционери, нагласувајќи дека неговите изјави се темелат на докази, за разлика од „клеветите“ кои доаѓаат од неговите политички противници.

Мицкоски посочи дека јавноста со право чувствува револт кон одредени судски и обвинителски одлуки. Според него, чувството дека високи политички функционери ги „замешале прстите“ во судството е наследство од минатото кое тешко се искоренува.

Јавноста беше издадена, а чувството кај граѓаните се темели на искуството дека политиката игра клучна улога во одлуките на поединци судии и обвинители. Станува збор за малцинство кое носи одлуки што предизвикуваат револт, а потоа прстот се вперува кон мене како премиер, изјави Мицкоски, додавајќи дека тој нема направено никакви „зделки под маса“.

На прашањето дали неговите најави дека поранешни функционери наскоро ќе се соочат со правдата се притисок врз обвинителството, Мицкоски беше дециден дека има право да го каже својот став, особено кога располага со повеќе информации.

Имам право тоа да го кажам бидејќи имам повеќе информации од вообичаено. Опозицијата секојдневно ме обвинува дека сум ‘шеф на мафија’ и дека местам тендери без ниту еден доказ. Разликата е во тоа што јас зборувам врз основа на докази, потенцираше тој.

Премиерот се осврна и на интензивната кампања на опозицијата против него, каде често е етикетиран како водач на организирана криминална група. Мицкоски истакна дека досега ги добивал сите судски процеси за клевета, но сега се труди да биде потолерантен.

Ме советуваат како јавна личност прагот на толеранција да ми биде поголем, дури и кога се навредува моето семејство и моите соработници. Во изминатите денови видов барем десет основи за тужби во соопштенијата на опозицијата, но во овој момент не покренувам нови процеси, изјави премиерот.

Мицкоски упати порака до сите што тврдат дека имаат индиции за криминал, наместо да шират неосновани обвинувања, да се обратат до соодветните органи.

Мојот совет до сите што гледаат неправилности на отворена сцена е да ги упатат до обвинителството или МВР. Но, кога за мене се вели дека сум шеф на мафија, тука не гледам индиции, туку само клевети и неосновани обвинувања, заклучи Мицкоски во своето интервју.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK