Индустриското производство со раст од 7,6% за една година, ова се резултатите на сериозните економски политики на Владата
Индустриското производство во 2026 година бележи раст од 7,6 проценти во однос на претходната година, додека вкупната економска активност останува во позитивна зона со раст од 0,2 проценти, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Од владејачката партија оценуваат дека ваквите резултати се последица на економските политики на Владата и на мерките за финансиска и институционална поддршка на домашните компании.
Според ВМРО-ДПМНЕ, поддршката придонесува за зголемување на производството и индустрискиот промет, проширување на производствените капацитети и отворање нови работни места низ земјата.
Како главен носител на растот се посочува преработувачката индустрија, за која од партијата велат дека создава значителна додадена вредност и има важна улога во економскиот развој и извозот.
„Домашните компании имаат капацитет да растат, да вработуваат и да освојуваат нови пазари кога им се обезбедени соодветни услови за работа“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ како една од клучните мерки ја издвојуваат кредитната линија во износ од 230 милиони евра, обезбедена за финансиска поддршка на стопанството.
Според партијата, средствата од кредитната линија се користат за инвестиции во нова опрема, зголемување на производството и проширување на капацитетите на домашните претпријатија.
Во соопштението се наведува дека зад статистичките показатели стојат нови работни места, повисоки плати и компании кои го зголемуваат своето работење.
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека Владата ќе продолжи со поддршката на домашната економија, компаниите и работниците, со цел да се обезбедат повисоки плати, подобар животен стандард и поголема конкурентност на македонската економија.
Comments are closed.