Нино Васев и Нехат Нухи излегуваат од притвор со гаранција од над половина милион евра
Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и поранешниот организациски директор, Нехат Нухи, се ослободени од притвор откако Кривичниот суд го прифатил предлогот за гаранција и определил мерки на претпазливост.
„На обвинетиот Н.В. му е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Република С. Македонија, која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Н.Н. му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот“, се вели во соопштението на Кривичен суд кој донел решение дека предлогот се уважува по добиено позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната Никола Васев и Нехат Нухи за укинување на мерката притвор со определување гаранција, го уважи предлогот, а позитивно мислење дало и Јавното обвинителство.
При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавното обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.
Воедно, на обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост:
забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје;
обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот; и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Дополнително, против Васев се води и посебен предмет поврзан со третманот на пациенти, односно таканаречениот случај „Онкологија 1“.
Comments are closed.