Средба на директори на фондови и заводи на пензиското осигурување: Можност за размена на искуства и сознанија
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов со стручна делегација од фондот учествуваше на 16-та средба на директорите на фондовите и заводите на пензиското и инвалидското осигурување од државите на просторот на поранешна Југославија и на Република Австрија, што се одржа во Марибор, Република Словенија.
Годинава главни теми на конференцијата беа активностите за спречување на грешки, измами и злоупотреби на системите во фондовите и заводите за пензиско и инвалидско осигурување, како и употребата на вештачката интелигенција во дигиталната трансформација на овие институции.
На средбата беа презентирани измените на законите за ПИО во изминатата година, при што директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов, рече дека измените што се презентираат генерално се однесуваат во делот на остварувањето на правата за пензиско и инвалидско осигурување.
„Потребно е да се размислува во насока законските измени да содржат решенија кои ќе придонесат за финансиска стабилизација на пензиските фондови.
Законските решенија треба да содржат инструменти кои ќе ги стимулираат работодавачите да плаќаат повеќе придонеси, со што ќе се придонесе за зголемување на пензиите на идните пензионери, а сегашни работници.
Потребна е промена на методологијата на пресметката на пензиите заради обезбедување фер износи на пензиите.
Во делот на задолжителниот Втор столб за пензиско осигурување, потребно е законите да овозможат поефикасни и нерестиктивни начини за инвестирање на средствата и нивно поголемо оплодување кое ќе биде во полза на осигурениците, се разбира преку соодветна контрола и ревизија од регулаторот МАПАС.
Ова се само дел од предлозите за подобрување на финансиската ситуација и се неопходни затоа што кај сите фондови постои проблем со финансирањето, а трансферите на средства од државата се неопходност за нормално функционирање на нашите институции.
Од исклучителна важност е законските решенија да обезбедат одржливост на пензиските системи и независност од државниот буџет“, рече Мемов.
Директорката на Секторот за остварување на права, Билјана Стојанова ги презентираше измените на Законот за ПИО во изминатата година. Таа информира и за новиот Закон за работно ангажирање.
Comments are closed.