10 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА 10 години во инфраструктурни капитални проекти

Десет милијарди евра во капитални инфраструктурни проекти и инвестиции во наредните 10 години најавува Владата, и тоа во нови автопати, експресни патишта, пруги и обнова на постојните здравствени и енергетски капацитети.

– Во текот на втората половина од годината очекуваме истовремено да се градат шест автопатски делници во државата – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите.

На автопатот Кичево – Охрид (57 километри), што се гради веќе 12 години и од кој пуштени се 34 километри, се очекува делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена во употреба најдоцна до септември или октомври оваа година, а делницата од Врбјани до Ботун исто така да биде ставена во функција во согласност со предвидената динамика на градежните работи.

– Очекуваме, според оптимистичкото сценарио, делницата од Извор до Врбјани, вклучувајќи ги и вијадуктите и тунелите, да биде пуштена во употреба до Денот на независноста – 8 Септември. Доколку има дополнителни доработки, рокот би можел да се помести до септември или октомври. Целосното пуштање во употреба на автопатот, од Кичево до излезот кај Охрид, каде што се наоѓа единствената преостаната делница што сè уште не е поврзана со автопатско решение, го очекуваме во првиот квартал од 2027 година. Потоа ќе останат уште приближно три километри, кои во моментот завршуваат кај селото Ботун. Овие три километри треба да се приклучат на делницата од Букојчани, каде што завршува проектот на „Бехтел и Енка“, до точката на поврзување со постојниот автопат. Тоа се приближно 10 километри. Договорот со заемодавачите е потпишан, средствата се обезбедени, тендерската постапка е завршена и избрана е компанија што ќе ги изведува градежните работи. Во моментот се чека конечна согласност од заемодавачите по што ќе следува период за евентуални жалби и понатамошни процедури – рече Мицкоски.

Тој потсети дека договорот за заем со кинеската Ексим банка за овој проект беше раскинат поради што државата со домашните банки формира банкарски синдикат и обезбеди 175 милиони евра за негово завршување. Со овие средства се предвидува целосно завршување на автопатот Кичево – Охрид вклучувајќи ги и споредните патишта, оградите, рабниците, сигнализацијата, како и целокупната контролна и безбедносна опрема во тунелите. На тој начин се очекува проектот, конечно, да биде комплетиран.

И со дополнителното финансирање, како што посочи Мицкоски, цената за километар останува пониска од цената на делниците на Коридорот 8 и Коридорот 10, што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.

За автопатската делница Букојчани – Кичево, проект што се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој, во вредност од речиси 220 милиони евра, веќе е избран најповолен понудувач за изградбата и се очекува банката да даде конечен одговор по завршувањето на целата постапка. Доколку процедурите се одвиваат според планот, се очекува во септември или октомври да почнат градежните активности на терен.

За изградбата на вториот дел од автопатот Блаце – Скопје, пак, завршена е евалуацијата, избран е понудувач, има жалба, која во прв степен е одбиена, во тек е второстепена постапка, и се очекува разврска. Се очекува неделава да има повратна информација и овој месец или во почетокот на следниот да почнат работите на терен. Вкупниот буџет изнесува 215 милиони евра, исто така од ЕБРД.

Од проектот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, со кој во тек е изградба на три автопатски делници (Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола), кон крајот на месецот треба да стане појасно како ќе се одвиваат активностите на делницата Требениште – Ќафасан.

– Доколку работите се одвиваат според планот, очекуваме првите 11,5 километри од делницата Прилеп – Битола да бидат пуштени во употреба во основно автопатско решение до септември 2027 година – рече Мицкоски повторувајќи дека Владата за проектот со „Бехтел и Енка“ затекнала состојба во која биле исплатени речиси 350 милиони евра авансно, а две години практично немало значителен напредок на терен. Направени се законски измени и обезбедена е поодржлива финансиска конструкција. До крајот на годината финансиската конструкција за проектот е затворена.

– Во консултација со менаџментот на проектот и со изведувачот, предвидено е во 2027, 2028 и во 2029 година да се реализираат по речиси 250 милиони евра годишно. Тоа е приближно 15 милијарди денари годишно и, според нивните процени, претставува реален капацитет за изведба. Доколку останат помали активности по 2029 година, тие би се завршиле во текот на 2030 година. Во моментот се водат разговори за продолжување на роковите за реализација бидејќи во првите две години од потпишувањето на договорот практично немало значителен напредок иако одредени обврски биле на страната на државата – информира претседателот на Владата.

Очекува во наредниот период да се обезбеди целосно финансирање за преостанатите три години од реализацијата на проектот наместо секоја година повторно да се обезбедуваат средства. Тоа би значело дополнителни речиси 900 милиони евра за целосно завршување на проектот.

Се преземаат активности да се работи со домашните компании со цел поголем дел од средствата да остане во македонската економија.

Во делот на експресните патишта, почнато е проектирање на делницата Кочани – Виница – Делчево како дел од пошироката стратегија за модернизација на патната инфраструктура во источниот дел на државата. Проектот е во вредност од приближно 120 милиони евра.

– Со ова, практично, на Коридорот 8 ќе му пристапиме од три страни во источниот дел на државата.Едната делница е кон Крива Паланка, а тука е и експресниот пат, кој треба да овозможи заобиколување на Куманово, односно поврзување на автопатот кај Романовце со Страцин. Овој проект е дел од планот за раст и средствата за него се обезбедени токму преку тој механизам. Во моментот двете делници се во фаза на подготовка и планирање – посочи Мицкоски.

Во железничката инфраструктура клучните проекти се модернизацијата и изградбата на пругата на Коридорот 10 за што премиерот најавува работата на терен да заврши најдоцна до крајот на годината, а на Коридорот 8 изградбата на пругата кон Бугарија, делниците Куманово – Крива Паланка, чија изградба е во тек, како и Крива Паланка – граница со Бугарија, со меѓуграничниот железнички тунел, сѐ уште нема работа на терен. Исто така, и модернизација на пругата Скопје – Кичево на Коридорот 8.

Од пругата кон Бугарија, за втората делница од Куманово до Крива Паланка, изведувачот бара да се продолжи рокот за изградба до 2028 година. Остануваат уште приближно 125 милиони евра за работи што треба да се реализираат поради што најверојатно ќе биде потпишан анекс на договорот. Анексот се однесува на зајакнување на постојните столбови на мостовите, кои со години стојат како споменик на недовршениот проект. Првичните процени биле дека нивно уривање и повторна изградба би чинеле дополнителни 150 милиони евра. Заедно со експерти од Градежниот факултет анализирани се алтернативни решенија и дојдено е до значително поекономичен пристап. Развиена е технологија со која столбовите може да се зајакнат, без да се нарушат носивоста и стабилноста на конструкциите. На тој начин се избегнува непотребен трошок од речиси 150 милиони евра за уривање и повторна изградба.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK