Кривична за ексдиректор на „Национални шуми“ – Користел стар ценовник и продавал по пониски цени

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Делчево против 52-годишниот Валентин Груевски од Битола, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавениот, во својство на поранешен директор на Јавното претпријатие „Национални шуми“, во периодот од 13 февруари 2023 до 7 мај 2024 година склучил и потпишал осум договори за купопродажба на опожарена дрвна маса со шест правни лица.

Во договорите, како што наведува МВР, бил користен ценовник од 5 декември 2014 година, кој во тој момент бил неважечки и содржел пониски цени од важечкиот ценовник донесен на 21 јули 2022 година.

Сите осум договори биле реализирани, при што, според полицијата, на шесте правни лица им била овозможена имотна корист во износ од 2.053.838 денари. За истиот износ, како што се наведува во пријавата, била предизвикана штета на ЈП „Национални шуми“.

Од МВР информираат дека случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое ќе постапува понатаму по кривичната пријава.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK