Општински советник од Битола за четири години, 700 дена не бил на работа: Цел мандат се „покривал“ со потврди од претседателката на Советот
Случајот со советникот Борче Корлевски од претходниот состав на Советот на Општина Битола не е обична административна неправилност, ниту изолиран спор околу неколку денови отсуство од работа. Напротив, според доставената документација и наводите во материјалот што му е достапен на Плусинфо, станува збор за можен модел на злоупотреба на правото на ослободување од работа поради советнички ангажман, преку потврди кои во овој случај опфаќаат околу 700 работни денови за еден мандат.
Во суштина, прашањето не е дали еден советник има право да биде ослободен од работа кога присуствува на седница на Совет, комисија или на друга официјална активност. Тоа право постои во законот и е логично. Прашањето е дали тоа право било претворено во механизам за речиси континуирано отсуство од редовното работно место, при што советникот продолжувал да прима плата од работодавачот, државната компанија РЕК Битола, а паралелно користел и советнички паушал, кој сега изнесува околу 30.000 денари месечно.
Што вели советникот Корлевски?
Според материјалот, Корлевски, советник од СДСМ во претходниот состав на битолскиот Совет и вработен во РЕК Битола, Одделение за технологија, на работно место технолог, во текот на четиригодишниот мандат добивал потврди за ослободување од работа. Тие потврди, според наводите, биле потпишувани од тогашната претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.
Токму тука започнува суштината на случајот: дали станувало збор за реален советнички ангажман или за фиктивно покритие со кое се оправдувало масовно и скоро континуирано четиригодишно отсуство од работа?
Борче Корлевски за Плусинфо објаснува дека бил општински советник во Битола во два мандата и детално ја опишува својата богата активност.
Советничката функција не подразбира само учество на седници на Советот и на комисиите. Иако јас секогаш сум бил редовен и активен на тие седници. Советникот има и многу други обврски поврзани со неговата функција. Сакам да нагласам дека во РЕК Битола бев редовно вработен само 1 година во текот на мојот мандат, додека другите години бев работно ангажиран во приватна фирма подизведувач на битолскиот комбинат. Според тоа, не може да стане збор дека цели 4 години сум отсуствувал од работа во РЕК Битола. Дополнително, сите советнички паушали што сум ги зел во текот на мојот мандат сум ги донирал за помош на граѓански организации и хуманитарни активности. На пример, за реконструкција на спортски сали и училишта, за помош за набавка на опрема за Клиничката болница и за разни други активности. Тоа во Битола е општопознато. Инаку, се согласувам дека постои системски проблем со фактот што општинските советници се ангажирани за извршување на својата функција и истовремено се потребни на своите работни места. Мислам дека единствениот начин тој проблем да се реши е целосна професионализација на функцијата општински советник – вели Корлевски.
Правото на отсуство не е спорно – спорна е неговата злоупотреба
Во секоја локална самоуправа советниците имаат обврски кои понекогаш се преклопуваат со нивното работно време кај редовниот работодавач. Тие учествуваат на седници на Совет, комисии, координации, работни средби и други активности поврзани со функционирањето на локалната демократија. Затоа е разбирливо да постои можност советникот да биде ослободен од работа кога има реална, конкретна и проверлива обврска во Советот.
Но, ова право не може да биде празен чек. Не може да се користи секојдневно, механички, без детално образложение и без јасна врска меѓу денот на отсуството и конкретна активност на Советот. Не може потврда за советнички ангажман да се претвори во административна формула со која советникот речиси воопшто не оди на работа, а сепак прима плата цели четири години.
Според информациите со кои располагаме, токму тоа е суштинскиот проблем. Потврдите за Корлевски, наместо да бидат исклучок врзан за конкретни седници и комисии, станале редовна практика. Наместо да служат за оправдување на реално присуство, тие, според наводите, најчесто покривале денови во кои немало ниту седница, ниту комисија, ниту протоколарен настан, ниту евидентирана активност што би барала целодневно отсуство од редовната работа.
Ако ова се потврди, тогаш повеќе не станува збор за користење право, туку за злоупотреба на право.
Целиот текст на Плусинфо
Comments are closed.