Ленче Ристоска даде оставка од функцијата јавен обвинител, не гледа перспектива

Обвинителката Ленче Ристоска денеска си поднесе одставка од обвинителката позиција.

-Јавнообвинителската функција секогаш сум ја поимала како позив и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните. Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи.

Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера.

Сите тие напори сакав да ги заокружам од раководна позиција преку мојата кандидатура за државен јавен обвинител, со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци. Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните.

Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза. Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK