Тензичен изборен ден во Србија, забележени бројни инциденти и тепачки
Бројни инциденти, тепачки, напади, обвинувања за нерегуларности и зголемено присуство на полицијатаги одбележа денешните локални избори во Србија што се одржуваат во десет општини во Србија. Гласачките места се отворени до 20 часот, а право на глас на изборите имаат вкупно 247.985 граѓани.
Инцидентите, како што пренесоа српските медиуми започнале набрзо по отворањето на гласачките места.
Во градот Бор се случила физичка пресметка меѓу повеќе лица, во близина на просториите на Српска напредна странка, каде што се одржуваат локални избори. Според сведоштва од терен, ситуацијата ескалирала во непосредна близина на избирачки места.
Според студентите во блокадата, во близина на гласачкото место број 34 во Бор, се случил напад со секира врз новинарската екипа, меѓу која имало и студенти. Според нивните тврдења, напаѓачите користеле секира, ги скршиле телефоните и ги одзеле камерите, а за време на нападот, некои од присутните биле соборени на земја, јавува N1 Србија.
Поради повредите што ги здобиле, неколку лица завршиле во итната помош. Според неофицијални информации, група луѓе излегле од комбе со парачински регистрации, а потоа почнале да ги бркаат активистите со секири, откако кај напаѓачите биле пронајдени дупликати на избирачки списоци.
Студентите во блокадата објавија список на неправилности на социјалната мрежа X, кои, како што тврдат, успеале да ги спречат во втората половина од изборниот ден, помеѓу 16 и 19 часот.
Во Бор, како што велат, привремено го прекинале гласањето поради обид за повторно гласање надвор од избирачкото место и „го прекинале бугарскиот воз“, а полицијата, велат, ги легитимирала луѓето што учествувале во „бугарскиот воз“.
Во Бајина Башта, велат тие, го забележале штабот на владејачката партија во кафуле и ја повикале полицијата.
Во Лучани, на избирачкото место 39, 14 лица кои се обиделе да гласаат без документ за идентификација и четири лица кои одбиле да бидат проверени со УВ ламба биле спречени да гласаат, објавија студентите во блокадата.
Во Кладово, велат тие, забележале луѓе со паралелни избирачки списоци.
Според медиумите, во Кладово, новинарска екипа влегла во просторија во хотел каде што се претпоставува дека се вршат координации поврзани со гласањето, при што присутните избегнувале да дадат изјави и се обидувале да се скријат од камерата.
Изборниот ден го следат и медиуми и организации, а вниманието е насочено кон потенцијалните неправилности и безбедноста на гласачите. Иако институциите засега не соопштуваат официјални оценки за текот на процесот, бројните пријави од терен укажуваат дека изборите се одвиваат во напната атмосфера, со зголемен ризик од инциденти.
Граѓаните денеска избираат советници во Градското собрание на Бор, како и во општините Смедеревска Паланка, Бајина Башта, Кула, Лучани, Аранѓеловац, Кладово, Књажевац, Мајданпек и Градската општина Севојно.
Comments are closed.