Муцунски: Критиките од Бугарија за т.н. непочит на малцинските права не се базирани на факти, туку се гола политика која не им служи на двете држави
Природата на актуелната блокада и на сите потенцијални блокади, се поврзани со политика, а не со суштина. Да беа поврзани со суштина немаше да бидеме во оваа ситуација зашто сме земја пример за малцински права. Сите сме свесни дека критиките од Бугарија за т.н. непочит на малцинските права не се базирани на факти и аргументи, туку се единствено гола политика која не им служи на двете држави, рече вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во вечерашното гостување на „Топ тема“, Муцунски напомена дека во моментов корисни за нашата држава би биле разговори и на билатерално ниво и заеднички со сојузниците од земјите-челнки од европските институции за изнаоѓање решение за излез од ситуацијата во која, како што рече, сме заедно – губиме и ние, но губи и Бугарија зашто Македонија не ги почнува преговорите.
Министерот не смета дека во овој момент трет протокол е излез од ситуацијата. Прво, нагласи, треба да има политичка и правна разрешница на позициите што македонската Влада ги има утврдено.
Напомена и дека Владата никогаш не сметала дека треба да потпаѓа под притисок на рокови.
-Најбрзо што можеме, треба да ја решиме оваа ситуација, но никој не ни укажал на рокови, а и некој да се обиде да ни направи таков притисок, тоа нема да вроди со успех. Имаме кристално јасни позиции, длабоко поврзани со европски стандарди и меѓународно право, бараме само тоа да се почитува и да ни се даде предвидливост. Останатиот дел ќе го завршиме на најдобар можен начин и ќе бидеме најдобриот кандидат и најсилната приказна преку која ЕУ ќе покаже дека проширувањето е стратешка одлука за иднината на Европа, потенцира Муцунски.
Во врска со посетата на Брисел реализирана пред неколку дена, министерот информира дека на средбата со еврокомесраката за проширување станало збор за внатрешните реформи што ги спроведува Македонија, за усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), но и за односите со Бугарија. Имало, додаде, и неколку идеи на маса од ЕУ во врска со изнаоѓање решение, но повторен бил и цврстиот став на Македонија – Бугарија да ги испочитува пресудите на Европскиот суд за човекови права (регистрација на организациите на Македонците во Бугарија) и земјава да добие гаранции дека уставните измени ќе бидат последниот услов, односно дека нема да се бараат нови отстапки поврзани со нашиот идентитет, јазик и историја.
Како што рече Муцунски, кај европските институции и кај дел од земјите-членки постои висок степен на разбирање и почит за овие македонски позиции зашто се логични, рациоанални и поврзани со почитуавање на меѓуанародното право и највисоките стандарди во делот на човековите права.
Македонија добила пофалби за реформите од ЕУ, но со техничката влада во Бугарија, посети Муцунски, не може да се преговара.
-Првиот дел за кој разговаравме беа внатрешните реформи на земјата, вториот дел беше усогласеноста со ЗНБП, а третиот односите со Бугарија и кои ни се размислувањата за излезот од, за жал, овој ќор-сокак во кој сме вметнати од многу чинители, примарно по вина на нашите претходници во Владата. Но, мора да се најде излез. Има повеќе идеи за кои дискутираме, а за да може да се дојде до решение потребен е консензус. За да се дојде до решение зборуваме со европските институции, со дел од земјите-членки, идната недела ќе одам во Париз каде ќе имам неколку средби на кои ќе дискутираме за оваа тема, но клучен чинител ни е Софија. Во моментов немаме партнер со кој можеме да го отвориме дијалогот зашто има техничка Влада во Софија, но тоа не значи дека не зборуваме за нашите позиции и за потенцијални решенија. Не е дека не сакаме да преговараме со техничка влада, но таа нема легитимитет да донесе крупна одлука. Со претходната техничка влада имаше иницијатива за организирање заеднички состанок меѓу мене, одредени помагатели/понудувачи, олеснувачи на такви услуги во меѓународните односи и тогашниот мој колега од бугарска страна. Засилени беа тие иницијативи кон крајот на годината, но потоа се случи пад на таа влада, објасни шефот на дипломатијата.
Comments are closed.