Главен пилот во МВР со фалсификувана дозвола со години управувал полициски хеликоптер
Полициски инспектор вработен во Министерство за внатрешни работи на Македонија со години управувал полициски хеликоптер со фалсификувана дозвола. Според информациите, со леталото во тој период биле превезувани и високи политичари и министри, објавија повеќе медиуми.
Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против него поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 став 3 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во периодот од 27 февруари до 10 април 2023 година, како началник на Одделот за воздухопловни единици, осомничениот незаконски впишал во својата дозвола за член на екипаж овластување за инструктор на хеликоптер од типот TRI BELL 206, иако не ги исполнувал условите. Наводно, овластувањето било прикажано како стекнато на 26 февруари 2020 година.
Фалсификуваното овластување го користел како валидно пред Воздухопловната полициска единица во Брник, Словенија, како и во две управни постапки пред Агенцијата за цивилно воздухопловство, со цел да биде впишано и во неговата цивилна дозвола.
Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошната постапка.
Comments are closed.