Русија тврди дека Украина ја нападнала резиденцијата на Путин со повеќе од 90 беспилотни летала, Украина негира и тврди дека Путин сака да го урне мировниот договор

Москва ќе ја преиспита својата преговарачка позиција во преговорите за запирање на војната во Украина по обидот на украинските вооружени сили да ја нападнат резиденцијата на претседателот Владимир Путин во Новгородската област, објави министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Со оглед на целосната дегенерација на престапничкиот киевски режим, кој усвои политика на државен тероризам, преговарачката позиција на Русија ќе биде преиспитана“, рече Лавров.

Ноќта кон понеделникот, додека на Флорида за мировниот предлог на САД разговараа американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот Володомир Зеленски и се очекуваше нов телефонски разговор меѓу Трамп и Путин, како што извести руското Министерство за одбрана, Киев изврши терористички напад користејќи 91 беспилотни летала со долг дострел врз резиденцијата на Путин.

Сите беспилотни летала биле уништени од силите за противвоздушна одбрана; нема извештаи за жртви. Сè уште не е јасно дали Путин бил во резиденцијата во тоа време.

„Ваквите неодговорни дејствија нема да останат без одговор – целите и времето на нападите веќе се утврдени“, истакна шефот на руската дипломатија.

Истовремено Лавров нагласи дека Москва нема намера да се повлече од преговорите за Украина со Вашингтон.

„Би сакале да истакнеме дека оваа акција се случи за време на интензивните преговори меѓу Русија и САД за решавање на украинскиот конфликт“, додаде министерот за надворешни работи.

Во својот манир Зеленски повторни тврдеше дека обвинувањето е лага, додавајќи дека Москва „подготвува терен за напад врз владини згради во Киев“.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK