Арсовски: Цела недела молк за испумпаните 21 милион евра
Молк од страна на институциите веќе точно една недела за сомнежот за над 21 милион евра кои преку тендери се испумпани кај семејството Заеви, рече на денешната прес-конференција портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
-Агенцијата за обезбедување од Струмица блиска до Заеви преку државните институции и универзалниот снабдувач за електрична енергија има испумпано над 21 милион евра за само 2 години, што е незамисливо за една таква работа или услуга која што ја нуди. Но, затоа пак многу нормално е сите останати институции кои што треба да ги штитат интересите и парите на граѓаните да молчат и да го игнорираат ова цела недела. Ниту обвинителството, ниту антикорупциската, ниту пак било кој истражен или регулаторен орган нема отворено ниту еден случај за ова енормно испумпување на народните пари. Граѓаните тонат во сиромаштија, државната каса е празна, економската политика за справување со корона пандемија е уште пострашна, единствено семејството Заеви имаат огромни профити и тоа на грбот на граѓаните од страна на државните фирми. Наместо да се реализираат проекти и да се работи на капитални инвестиции кои ќе го подобрат животот на граѓаните кој веќе подолго време е во апатија, парите на граѓаните завршуваат во џебот на Заеви. Повикуваме уште еднаш, Јавно обвинителство, Антикорупциска комисија, регулаторните тела, истражни органи да прекинат да бидат соучесници и да ги истражат овие сериозни сомнежи на криминал, истакна Арсовски.
Доволно е криминал, доволно е народот да живее во сиромаштија, додава тој.