Се подготвува план за дополнителни рестриктивни мерки што ќе ги опфати и училиштата
Министерот за здравство Венко Филипче очекува протоколите за наставата со физичко присуство да обезбедат минимален ризик од ширење на заразата, но се прави и план за дополнителни рестриктивни мерки кои ќе бидат таргетирани во зависност дали некаде ќе се промени епидемиолошката состојба.
– Тоа значи, во зависност од новодијагностицирани случаи во некоја населба, град или регион, потоа врз оснива на епидемиолокшата поврзаност на тие случаи, сите што ќе бидат во ризик ќе бидат во план за рестрикции. Тој план ќе важи и за училиштата и за нивно затворање за да се спречи понатамошно ширење на вирусот и да се избегнат рестрикции на ниво на цела држава, рече Филипче.
Министерот Арбер Адеми посочи дека за спроведување на планот со протоколите е неопходно да има законски измени каде што ќе се остави можност МОН да ја организира наставата согласно со епидемиолошката состојба.
– Да се остави флексибилност за преминување од еден на друг начин на организирање на наставата во зависност од околностите со кои ќе се соочиме. За ова и за предвиденото кратење на наставните часови, како и за други прашања, е неопходно да имаме измени на законите за основно и за средно образиание, а тоа зависи од функционално Собрание. Ние имаме нацрт-предлог на Влада и ќе биде доставен до Собранието и очекувам час поскоро да имаме функционално Собрание и тие законски решенија да се усвојат, рече Адеми.
Дополнително ќе биде одлучено на кој начин родителите ќе се изјаснат за наставата што ќе ја следат нивните деца. Според одлуката, која беше соопштена на прес-конференцијата, родителите ќе имаат можност да изберат онлајн-настава ако не сакаат детето физички да присуства на настава. Тоа е од причина што во некои семејства има хронично болни членови (родители, баби, дедовци) или се во категорија од висок ризик.