Четири години затвор за мајката што го остави шестмесечното бебе на 40 степени
Затворска казна од четири години доби мајката која лани на 12 јули го остави шестмесечното бебе во центарот на Велес и побегна. Ова е пресуда на Основниот суд Велес, откако С. К. (22) е прогласена за виновна, осудена за кривично дело Запуштање и малтретирање на дете, а пресудата е правосилна.
Според обвинението, таа со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување, го запуштила новороденото дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени Целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. Минувач го најде бебето на клупа во центарот кај јаворите. Тој го однел во Велешката болница, каде беше примено во тешка здравствена состојба. Докторите констатирале неухранетост, тешко било само 4.6 кила, во фебрилна состојба – со температура, поспано, дехидрирано, со сува кожа и очи, со пролив, со халонирани очи. Бебето немаше регистрирано име и презиме, ни Извод од матична книга на родени, ниту здравствена легитимација.
Мајката се појавила во болница следниот ден и потоа ја снемало. Беше пронајдена и уапсена лани на 23 август. Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издадал наредба за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврдило дека обвинетата е биолошка мајка на бебето.
Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Велес (МЦСР), одговорија дека бебето е згрижено во Битола.
Извор: СДК.мк
Comments are closed.