Рамиз Мерко доби ново обвинение – овој пат за осветлувањето на водите на Црн Дрим

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко доби обвинение дека поставил осветлените во водите на Црн Дрим со што ѝ наштетил на реката.

Основното јавно обвинителство Струга информира дека денеска поднесе Обвинителен предлог против Мерко за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, во временскиот период од 1.4.2021 до 27.6.2022 година, како службено лице – градоначалник на Општина Струга, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното корито на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото. Обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и на хидро-биолошкиот систем во реката. За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6.763.722 денари и за тој износ е оштетен буџетот на Општина Струга“, соопшти Јавното обвинителство.

Еколозите веднаш предупредија дека осветлувањето ќе има негативно влијание врз екосистемот. Тие упатуваат на тоа дека осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет (се губи чувството за ден и ноќ). Дополнително го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чувство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK