Албанија со потерница го бара Билал Кара, еден од сопствениците на „Санте плус”

Билал Кара (45) од Албанија, еден од сопствениците на ланецот болници „Санте плус“, која има своја клиника и во Скопје, албанската полиција го бара со потерница поради сомневање за сторени злоупотреби преку приватната клиника „Интернешнл медикер“ (поранешна „Санте плус“).

Албанската полиција ја затвори болницата „Медикер“ дел од групацијата „Санте плус“, откривајќи дека на пациентите им се продавале лекови со истечен рок како терапија за спасување, добивка од речиси 1 милион евра се криела во џебовите на сопствениците, додека испаднало дека работниците на оваа компанија се без социјално осигурување, објави ЈОК Албанија.

За време на контролата во клиниката, полицијата заплени 100 блокови со нефискализирани сметки, 27 различни препарати за ботокс, филери и материјали користени при трансплантација на коса – најголемиот дел со истечен рок – како и шест компјутери што ќе бидат испратени на вештачење.

Меѓу пронајдените медикаменти бил и антибиотикот „Рифоцин“, со истечен рок во мај 2025 година, кој се користи за тешки бактериски инфекции, како и „Гадовист“, со истечен рок уште во 2023 година. И двата, според полицијата, се користеле за инјекции, естетски интервенции и анестезија, објави Дритаре.

Паралелно со оваа активност, клиниката се рекламирала на социјалните мрежи нудејќи бројни естетски процедури, меѓу нив полнење усни со филери и трансплантација на коса по цена од 980 евра.

Големиот скандал во Албанија упатува дека со неисправни лекови, препарати и помагала фирмата Санте плус работела масовно. Им исти газди во Албанија, Србија, Косово, Македонија… и јавноста со право е загрижена дека спорните медицински содржини и методи се набавувани и употребувани во целиот систем на Санте плус, вклучително и во Македонија.

„Санте Плус“ има болница која се наоѓа во населбата Ѓорче Петров главно е фокусирана на гинекологија и на пластична хирургија, додека болницата „Санте Плус 2“, која се наоѓа во центарот на Скопје, на улица „Партизанска“, се фокусира на поликлиничките области. Двете болници се рекламираат низ порталите, понекогаш и телевизиите, но не се забележани некои масоввни посети или медицински успеси. Напротив Санте плус постојано има проблем со законот.

Во 2018-та Министерство за здравство и ја одзеде дозволата за работа на Санте Плус, соопштија од Министерството. Во соопштението се наведува дека при инспекција е утврдено дека имало неправилноста во работата на болницата во однос на кадар и во однос на опрема, по што Министерството донело решение да и се одземе лиценцата на приватната болница „Санте Плус гроуп‘‘.

Во 2023-та четиригодишна затворска казна доби анестезиологот на клиниката „Санте плус“ за смртта на родилката Деборе Ќерими-Џамбази, која во 2018 година почина при породување, по пресуда на судијата Марин Станевски, кој покрај тоа на обвинетиот му забрани да ја врши лекарската дејност во период од четири години.

Обвинението беше поднесено три години претходно а со него анестезиологот се товареше за тешки дела против здравјето на луѓето, затоа што применил неподобен начин на лекување со што предизвикал смрт.

Обвинителството во текот на процесот докажуваше дека анестезиологот склучил договор да ја врши работната обврска, без потребното работно искуство во специјалноста над две години.

Санте плус во 2024-та е фатена и во вршење дејност “на диво“:

По тврдењата на болницата „Санте плус“ дека од Државниот здравствен инспекторат никој не ги повикал да достават документација затоа што амбулантата на „Бехтел и Енка“ во Гостивар не постоела воопшто, директорката на инспекторатот, Рената Младеновска денеска рече дека бил извршен надзор и изречена е забрана за вршење на дејност врз основа на доставен договор помеѓу конзорциумот и „Санте плус 2“.

Младеновска појасни дека директорката на „Санте плус“ била повикана да ја достави документацијата до инспекторите, но таа не се појавила. Од „Санте плус 2“ тврдат дека амбулантата воопшто и не постоела но и тврдат дека не би работеле на штета на кој било, но од инспекторатот велат дека на лице место затекнале медицинска опрема, игли, шприцеви и јасно било дека се вршела здраствена дејност, при што евидентно било дека била вршена здравстена дејност без дозвола и лиценца.

 

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK