Откриен споменикот на војводата Александар Турунџев: “Македонија ќе биде слободна!“

По повод 120 од погибијата на војводата Александар Турунџев, во организација на Општина Битола, во свечена атмосфера, денес беше откриен споменикот на војводата Александар Турунџев.

Има имиња што не се запишани само во книгите на историјата, тие се врежани во каменот, во срцата и во времето. Денес, Битола ја исправи својата вечна должност: Му подари споменик на вовјодата Александар Турунџев – комитата што чекореше со факелот на вистината, што беше збор – сонце за своето време! Александар Турунџев доби место меѓу Битолчани, но не како сенка од минатото, туку како светлина за иднината. Александар Турунџев беше повеќе од борец, беше симбол на храброста, жртва и визија. Неговиот споменик е завет за Битолчани, за Македонците во светот и татковината!

Предручок делегација на општина Битола предводена од градоначалникот Тони Коњановски и почитувачи на името и делото на Александар Турунџев, после панихидата одржана од свештеник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, положија цвеќе на неговиот гроб на гробиштата до битолската црква “Света Недела”.

Во вечерна поворка низ градот, пак, кон која се приклучија многу Битолчани, од Општинското основно училиште “Ѓорѓи Сугарев” каде бил затворен, преку Плоштадот Магнолија, Мостот кај Безистенот, крај реката Драгор, Ат пазар, до Кружниот тек и Ветеринарната – местото каде е поставен споменикот, присутните оддадоа почит за името и делото комитата кој загина на олтарот на татковината за ослободување на цела Македонија.

Пред откривањето на споменикот на еден од најголемите македонски борци за слобдна Македонија – Александар Турунџев, Сузана Турунџиева, потомок на војводата Александар Турунџев со емотивна изведба ја отпеа македонската национална химна, поздравена од присутните! А, “Цела се Битола расплака за Александро Турунџев“ ја отпеа оперскиот пеач Игор Дурловски.

Споменикот свечено беше откриен од градоначалникот Тони Коњановски и потомци на војводата Александар Турунџев.

Вера Милошевска со музичката група “Љубојна“ на свеченото откривање на споменикот на војводата Турунџев во Битола ја отпеа “Параходот ми пристигна”.

Со огномет присутните го поздравија откривањето на споменикот на Александар Турунџев кој отсега ќе ја краси Битола и спомените за ослободувањето на Македонија!

За многаја лета поменот и споменот за војводата Александар Турунџев.

Александар Турунџев e роден во 1872 година во село Горно Врбени, Леринско. Бил војвода на ТМОРО и ВМРО!

Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа и како војвода.

За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK