Мицкоски: Се воведува е-фактура, крај за фантом фирмите и лица кои испумпувале стотици милиони евра од буџетот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека воведувањето на системот за е-фактура ќе претставува клучен чекор во борбата против финансискиот криминал и злоупотребите на државниот буџет. Според него, оваа процедура ќе оневозможи постоење на фантом фирми кои досега успевале да украдат милиони евра од граѓаните преку враќање на ДДВ.

 

„Оваа е-фактура како процедура ќе значи да нема фантом фирми коишто 90, 100, 200, 300 милиони евра ќе украдат од Буџетот и од Вас граѓаните, ако добро се применува и се работи во што немам сомневање“, истакна Мицкоски.

Тој појасни дека со новиот начин на функционирање, можноста да се појавуваат фантом фирми кои ќе добиваат поврат на ДДВ и преку ноќ ќе бидат отуѓувани на фантом луѓе, „ќе биде тешко или речиси невозможно“.

 

Премиерот изрази благодарност до Управата за јавни приходи (УЈП), нејзината директорка и тим, како и до министерката за финансии, што конечно се започнува со овој процес.

„Јас имам некоја меморија дека таму некаде 2015 година се започна овој процес, за нас од нејасни причини зошто тој беше континуирано одложуван, но сфативме после некои процеси коишто овој изминат период ги откривме и отвориме зошто бил одложуван. Еве конечно денес после повеќе од 10 години добива почеток“, рече Мицкоски.

Тој најави дека првичниот старт на имплементацијата со софтверската компанија ќе започне на 1 јули.

„Уште еднаш нека е со среќа и да биде со успех примената и имплементацијата на оваа процедура“, заклучи премиерот

ZBOR.COM.MK