Трагедија: Почина 3-годишно дете од Кавадарци, очајните родители ги повикуват надлежните да испитаат можна лекарска грешка
На 03.06.2025 во 09:30 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив е донесено починато тригодишно дете од Кавадарци, кое од претходно имало здравствени проблеми.
Лекар констатирал смрт, а во службен разговор, неговата мајка Т.Ѓ.С.(36) од Кавадарци изјавила дека околу 03:00 часот го однела во Општа болница Кавадарци, од каде ги упатиле во Клиниката за детски болести при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што во 08:45 часот е констатирана смрт.
По наредба на јавен обвинител телото на починатото дете е предадено на обдукција.
– Во понеделникот сабајлето во дваесет минути за три часот ме разбуди сопругата со детето во рацете омалаксано и ми рече да станам брзо оти не е арно синчето. Најпрвин побаравме лекарска помош во Кавадарци, но ми се чини дека нашата ситуација не беше сфатена сериозно. Затоа бараме да се формира комисија која ќе ги утврди точните околности под кои настанала смртта, ни почина во рацете, рече таткото Тони Стојанов во изјава за МИА.
Како што претходно соопштија од полицијата, тригодишното детенце било починато донесено на комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје.
Како што соопшти полицијата, во службен разговор, неговата мајка Т.Ѓ.С.(36) од Кавадарци изјавила дека околу 3:00 часот го однела во Општата болница Кавадарци, од каде ги упатиле во Клиниката за детски болести при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што во 8:45 часот била констатирана смрт.
МИА се обиде да добие и официјални изјави од медицински лица во врска со овој случај. Засега, ниту една од контактираните страни не одговори.