Геровски: Поради лошиот однос на СДСМ кон ДУИ во предизборната кампања, формирањето на ново парламентарно мнозинство нема да биде едноставно и лесно
Во денешното издание на дебатната емисија “Само вистина” гостуваше новинарот Бранко Геровски кој се осврна на моменталната политичка ситуација, преговорите за ново парламентарно мнозинство, како и на можните коалициони комбинаторики.
Геровски потенцираше дека Зоран Заев во предизборната кампања на неколку наврати зборуваше против Албанците во Македонија, односно водеше кампања со реторика преку која го напаѓаше ДУИ и му се закануваше со опозиција.
-Зоран Заев носи товар во овие преговори за ново парламентарно мнозинство, токму поради лошиот однос кон ДУИ во предизборната кампања. Многу пати и јавно му се закани на Али Ахмети дека нема да биде во Владата, односно дека следат години во опозиција за ДУИ. Дали Али Ахмети ќе помине преку тоа и дали албанскиот народ ќе ги заборави тие навреди, останува да покаже времето, вели Геровски.
-СДСМ иако во неколку наврати соопшти дека е договорена нова коалиција, односно е обезбедено ново парламентарно мнозинство, сепак голем број факти говорат дека има потешкотии во договарањето, односно дека не оди се како подмачкано. Овој пат формирањето на ново парламентарно мнозинство ќе оди тешко, односно до последен момент отворени ќе бидат сите комбинации, заврши Геровски.