Стојаноски: Во ек на огромна криза и тешка депресија и сиромаштија Заеви отвораат нови бизниси и компании
Во ек на огромна криза, тешка депресија, сиромаштија и затворање на многу бизниси Заеви го шират бизнисот со нова компанија и бизнис. Овој пат впишан како основач е Бобан Заев. Пред четири дена, на 06.08.2020 година, братучедот на Зоран Заев, Бобан Заев, со основачки влог од 1 милион денари го регистрира, друштвото за производство, трговија и услуги БОБАН ЗАЕВ ХОЛДИНГ ДООЕЛ Струмица. Ова се документите кои го потврдуваат тоа, изјави на прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски кој додаде:
„Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а Заев за само три месеци го задолжи секое македонско домаќинство со по нови 2.000 евра, Заеви продолжуваат да ја градат својата империја. По градежните фирми со лиценци за ископ на минерални суровини, камионите кои вртеа во РЕК Битола, фабриките за марихуана, и многу други кои на еден или друг начин се сврзани со државата и парите на граѓаните, се поставува прашањето за што е формирана оваа фирма и каква лиценца или договор треба да добие?!“
-Дали Холдингот на Бобан Заев е фирмата преку која СДСМ сака да ги испумпува парите на граѓаните од општините каде СДСМ е власт, но и да служи за евентуално празнење на државниот буџет доколку СДСМ направи влада? Работењето на фирмите на Заеви во Струмица, но и во Република Македонија во изминатиов период, во кој добиваа тендери, лиценци и договори за работа со државни фирми, е класичен доказ дека Заеви ја користат државата единствено за лично богатење, посочи Стојаноски и подвлече:
„Заеви во изминативе години додека СДСМ е на власт, но и пред тоа додека Зоран Заев е градоначалник на Струмица, со пајажина од фирми работат на искористување на политичката моќ која ја имаат за приватни цели и окрупнување на нивното богатство. Оваа класична злоупотреба која Заеви ја спроведуваат низ годините, ќе биде детално ревидирана веднаш по воспоставувањето на владеењето на правото во Република Македонија.“