Осомничената антикорупционерка не поднела оставка, на потег е Собранието

Актуелната претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Татјана Димитровска, нема поднесено оставка до крајот на вчерашниот работен ден. И покрај јавните повици дека седењето со скрстени раце ќе донесе уште поголем удар на институцијата – досега нема потег ниту од Собранието кое може да покрене постапка за нејзино разрешување. Димитровска е осомничена за оддавање на службена тајна во случајот „Адитив“ и тоа информации од предмети на ДКСК.

„Ве известуваме дека до Државната комисија од страна на претседателката не е доставено известување за евентуална оставка“, велат од ДКСК за „Скопје1“.

Таа може да оди на работа, но не смее да има допир со предмети. По отворањето на случајот, нема информација дека се појавила. Реагираше и претходната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, која рече дека Димитровска треба да преземе одговорност.

„Ова не е време за седење со скрстени раце. Собранието е на потег“, изјави Ивановска, повикувајќи на внатрешна проценка на ризици од корупција и зголемување на интегритетот во Комисијата.

Од Кабинетот на Африм Гаши пак, суптилно најавуваат дека нема да ја разрешуваат Димитровска, се додека наводите за нејзина вина не се потврдат во судска постапка.

„Доколку наводите се потврдат во судска постапка, ќе се иницира разрешување на Димитровска“, велат од Кабинетот на претседателот за неколку медиуми.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK