Митрополитот Повардарски Агатангел во своето Велигденско послание потенцира дека во тага и со тешка скрб на душата влегуваме во овој празник, затоа што нашите мисли и понатаму се обременети со страшната несреќа и трагедија во Кочани.
-Молитвите наши се упатени кон Бога со надеж и уверение дека ќе ја прегрне и упокои секоја невина душа. На секој родител нека му биде дадена делотворна утеха. На секој повреден нека му биде дадено брзо и успешно исцеление. Кога Христос бил предаден во рацете на непријателите, неправедно бил суден, исмејуван, измачуван и на крајот убиен. Покрај Него останале малкумина Негови верни следбеници, кои во ужас биле приморани да гледаат како пред нив бива згазена и поразена невиноста. Тешко било во тие моменти да бидеш пријател Христов. Но, колку подлабока и помрачна да била оваа тага, толку поторжествено блеснала над неа радоста. Господ Бог, повторно и повторно, ќе го земе во Своите пазуви секое натажено срце кое посредно или непосредно зело учество во Неговите крсни страдања. Секој што на Него се надева и потпира ќе биде соучесник во Неговото славно Воскресение. Верните чеда на Црквата Христова се Негови наследници. Секој оној што со Христа страда, со Христа и ќе се прослави, рече тој.
Митрополитот Повардарски Агатангел нагласи дека несреќата во Кочани сите нè обедини, без разлика на нашето потекло, вера или убедување.
-Надлежните државни институции, обвинителството, полицијата, здравството успешно и брзо реагираа во справувањето со оваа страшна криза. Му благодариме на Бога што солидарноста и човечноста насекаде беа видливи. Колку што посакуваме и се молиме ова никогаш да не ни се повтори, толку и се надеваме дека во нашето македонско општество нема да престане милосрдноста кај луѓето. Нека ни даде Господ сили да истраеме во секое добро дело, рече митрополитот.
Воедно, како што потенцира, ни порачува, дека сите ние како православни христијани ќе треба да научиме правилно да ја ползуваме светлината, која денес ни ја дава Воскреснатиот Господ Исус Христос.
Митрополитот порача дека кој празнува со чисто срце, тој празнува со ангелите.
-Кој празнува во љубов кон Христа и кон својот ближен, тој празнува и со Небесната Црква. Кој пребива во љубовта, тој пребива во Бога, а и Бог пребива во него. Денеска на Велигден, широко се отворени Царските двери на небесното светилиште, низ кои влегуваат сите оние што чинеле смирени дела на покајание. Да се удостоиме и ние како народ Божји за оваа чест и за оваа неизмерна радост. Христос воскресна од мртвите и низ целиот свет се разлеа бесмртноста, Христос воскресна од мртвите и засекогаш му се одзема силата на исчезнувањето, Христос воскресна од мртвите и се зацари мирот и спокојот во секоја повредена и натажена душа. Христе – Победителу! Овој Велигден нека биде радост за нашиот македонски народ и за сите други народи кои се надеваат на Бога и на Неговиот Воскреснат Син. Чувај ја нашата татковина Македонија од секоја напаст, поделба и несреќа Со Возљубени мои Македонци и Македонки. Христос Воскресе! – Навистина Воскресе!, порача митрополитот Повардарски Агатангел.
МИА
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.