Собрани 47 крвни единици во крводарителска акција во Делчево
Во Делчево денеска се одржа редовната крводарителска акција за месец август, организирана од Општинската организација на Црвен крст во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Штип, со почитување на протоколите за дарување крв во услови на Ковид-19.
-Денеска сме во Делчево каде ја спроведуваме редовната крводарителска акција, согласно протоколите за заштита од Ковид-19. Задоволни сме од излезноста на хуманите граѓани, кои во текот на денот подарија 47 крвни единици, кои и тоа како се потребни во услови кога имаме пандемија, истакна Моника Стоилева, од Институтот за трансфузиона медицина од Штип.
Од Институтот додадоа дека Црвен крст Делчево е меѓу подобрите општински организации, каде од почетокот на годинава досега речиси секој месец просекот на дарување е околу 50 крвни единици.
Според планираното, утре, крводарителска акција ќе се реализира и со хуманите граѓани од Општина Македонска Каменица.