Живко Чукарски, поранешен градоначалник на општина Рилци кај Благоевград во западна Бугарија, се изјаснил за виновен за кривичното дело незаконско издавање документи за лажни живеалишта на 246 државјани на Македонија во процесот на стекнување бугарско државјанство.
Признавајќи ја вината, Чукарски склучил договор со Окружното обвинителство во Благоевград за, како што пренесуваат медиумите, сторено и документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани на РСМ, пренесуваат бугарските медиуми.
Истрагата утврдила дека Чукарски изготвил и заверил 246 потврди за постојани адреси на македонски државјани без нивно присуство во општината или било каква достава на потребните документи за регулирање на живеалиштето на заверени адреси.
Во периодот 2016-2019 година, во селото Рилци биле регистрирани над 4.000 македонски државјани . Според истрагата, дел од регистрациите на адреси се вршени на непостоечки адреси, па дури и на празни полиња без достапни згради.
Еден од условите за регистрација на адреса во Бугарија е да се презентира писмена согласност од сопственикот на имотот. Но, поранешниот градоначалник се изјаснил за виновен што самиот ги потпишал овие документи без воопшто да се појават македонските државјани.
Чукарски не сакал да одговори зошто го сторил делото, ниту дали добил корист од делото што го направил.
Земањето бугарски пасоши од страна на македонските граѓани не е ништо ново. Според последните расположиви податоци откако Бугарија е членка на Европската Унија, 86.566 Македонци извадиле бугарски пасоши. Тоа е повеќе од половина од сите граѓани на други држави што добиле бугарско државјанство – 162.865 лица. Оваа бројка веројатно е зголемена со оглед дека е од пред три години.
Во 2020 година, според овие податоци, над 9.000 граѓани на Македонија добиле бугарски пасоши, а во 2021 година 7.692 лица. Во 2021 биле дадени вкупно 15.167 бугарски пасоши на странци.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.