Арсовска не размислува за втор мандат, не сакала да работи со луѓе што саботираат и блокираат
На новинарско прашање дали последните случувања околу ЈСП „Скопје“, кога Владата донесе одлука да му се позајми нафта на претпријатието за автобусите да можат да возат уште седум дена, на некој начин е отпочната кампањата за локалните избори, Арсовска рече дека не сака да навлегува во политичките агенди и заднината на сето тоа
Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, не размислува да се кандидира и по вторпат да ја бара довербата од скопјани за да остане на чело на главниот град.
Арсовска денеска во изјава за медиумите рече дека повеќе не сака да работи со луѓе за кои рече знаат само да саботираат и да блокираат.
Според Арсовска, она што се случува во градот Скопје и во Македонија е „едно крајно поларизирана атмосфера од политичките елити кои во овој момент дејствуваат во рамки на државата“.
Арсовска вели дека тие политички елити не заслужуваат луѓе што се обидуваат да придонесат за она што треба и може да биде подобро за Македонија да дејствуваат кај нас.
„Би сакал да им посакам барем еднаш да докажат и да покажат прво пред граѓаните дека она што го говорат ќе можат да го реализираат за да на следните избори имаат поддршка од нив во рамки на она што досега сме го виделе, а не верувам дека некој ќе мисли дека е тоа така. Јас кога се кандидирав како градоначалник ја имав поддршката од страна на ВМРО-ДПМНЕ која за жал не успеа да се надмине себе си, односно неговото раководство. Суетите се преголеми за да дозволите некому да работи без да му кажувате што и како да прави“, рече Арсовска на денешното примопредавање на шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас за возниот парк на ЈСП „Скопје“.
На новинарско прашање дали последните случувања околу ЈСП „Скопје“, кога Владата донесе одлука да му се позајми нафта на претпријатието за автобусите да можат да возат уште седум дена, на некој начин е отпочната кампањата за локалните избори, Арсовска рече дека не сака да навлегува во политичките агенди и заднината на сето тоа.
„Нема да навлегувам во политичките агенди и позадини на ова што се случува, само можам да кажам дека граѓаните верувам оти се доволно паметни и ќе можат да проценат кои се оние што можеа да го решат овој проблем во изминатите три години. Ако некој кажува дека следната година, по локалните избори, ќе го реши овој проблем, прашајте го зошто не го решил до сега. Советот е оној што можел оваа одлука да ја донесе пред три, две години и зошто не ја носи треба да ги упатите како прашања кај нив“, рече Арсовска.
Таа додава дека набавката досега би била реализирана доколку градот можел да направи јавна набавка и да функционира активно без Советот.
„Најголемиот проблем е што она што им го понудив јас на советниците, јавно и транспарентно да се направи набавката, во рамки на сите политички групи на советот, да ја изберат спецификацијата на возилото и која банка ќе го финансира, што значи дека нема да може никој да преговара во четири очи за да набави 100-тина автобуси што сега се најавува. Треба да се запрашате зошто сега се најавува кога истиот тој господин, истите тие луѓе, можеа тоа да го направат и пред точно три години“, додаде Арсовска.