85 години од печатењето на врвниот дострел на Кочо Рацин, стихозбирката „Бели мугри“
Пред точно 85 години, на денешен ден, 25 ноември во 1939 година во печатницата на Драгутин Шпулер во Самобор, Хрватска, испечатена е стихозбирката „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин, македонскиот поет, револуционер и основоположник на современата македонска литература и книжевност.
Стихозбирката „Бели мугри“ преставува врвен дострел на Рациновото творештво. Таа содржи 12 песни, распределени во пет циклуси и напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските дијалекти. „Бели мугри“ ги содржи и најпознатите песни „Денови“, „Ленка“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“ како и „На Струга дуќан да имам“ и „Проштавање“.
„Бели мугри“ е стихозбирка со извонредно творештво на Рацин кој преку зборови говори за антологија на болките и на страдањата на македонскиот народ, за експлоатација на тутунопроизводителите, за маките на монополските работници и на надничарите како во Велес така и во Македонија, пред почетокот на Втората светска војна.
Идеолошката припадност на Кочо Солев Рацин е препознатлива уште на самата корица на стихозбирката, преку испечатениот наслов чии букви се со црвена боја како симболика на кумунистичкото движење на кое му припаѓа и коешто се бори за „ново утро и почеток на нов живот на сите луѓе кои се еднакви“.
Поради опасноста да биде откриен и подложен на репресија во тогашната држава, кралска Југославија, причина е за користење на псевдонимот „К. Рацин“.
Делегација на Здружението на Македонците во Хрватска изминатиот викенд како и секоја година ја посети Печатницата на Шпулер во Самобор и се поклони и положи цвеќиња на спомен бистата на Кочо Рацин.
Воедно изминатиот викенд во Самобор беше присутна и делегација на Советот на Општина Велес, информираа денеска од локалната самоуправа. Тие присуствувале и на концерт на Нинослав Димов и Маја Поповиќ што го подготви Македонскиот културно информативен центар во Загреб, со поддршка на Министерството за култура и туризам