Британците имаат три пати поевтина струја од Македонците
Со една просечна плата Македонецот може да плати околу 17 сметки за струја, додека Британецот над 50. Европската статистика покажува дека едно семејство просечно троши околу 360 киловат часови електрична енергија во текот на месецот. Според тоа, доколку не се греат на струја, домаќинствата во Македонија во просек плаќаат околу 1.500 денари за струја. Односно, со просечна плата од околу 26.000 денари може да се подмират 17 сметки.
Од друга страна, Британецот со 2.500 фунти месечни приходи во просек плаќа меѓу 35 и 50 фунти за струја, што е доволно една плата да покрие повеќе од 50 сметки за струја, пишува Вечер.мк
Инаку, во Обединетото Кралство, во категоријата домаќинства спаѓаат и микробизнисите, кои не плаќаат индустриска струја. Но, затоа бизнисот во Британија плаќа 20% данок за потрошена струја, додека домаќинствата 5%.
Интересен е и начинот на исклучување за неплатена сметка. Снабдувачот мора да му даде шанса на потрошувачот преку дополнителен план да го исплатува долгот, пред да се пристапи кон исклучување од системот на снабдување.
Доколку сепак не се постигне договор за плаќање на заостанатиот долг, снабдувачот треба преку суд да добие дозвола за исклучување и потоа да му остави уште седум дополнителни денови пред да ја исклучат струјата поради неплатени сметки. За секоја постапка потрошувачот мора писмено да биде известен.
Потрошувачите, без разлика дали станува збор за домаќинства или деловни корисници, може да одберат дали ќе им се пресметува една единствена тарифа, или ќе користат двотарифен модел на евтина и скапа струја.
Истата можност ја нуди и Хрватска, каде една просечна плата може да покрие околу 45 сметки за струја.