Заради егото на Данела Арсовска ШЕСТ ДОНИРАНИ АВТОБУСИ НЕ СЕ ПУШТЕНИ ВО СООБРАЌАЈ?
Шест автобуси донација не се пуштени во функција, затоа што градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не сакала да има претставници од Владата во гаражите на ЈСП Скопје на промоцијата на автобусите. Истите стојат на царина, пренесува Локално повикувајќи се на свои извори.
Граѓаните на Град Скопје се уште ги чекаат шестте автобуси кои се донација од Организација на обединетите нации за јавни услуги. Оваа точка беше изгласана на една од последните седници на Советот на Град Скопје со над 30 гласови.
Како што додаваат од Локално испратени се прашања до раководството на ЈСП Скопје и Град Скопје, но, до моментот на објавување на текстот немало одговор.
Ленин Јовановски – првиот човек на „Слобода превоз“ на неговиот Фејсбук профил рече дека имал можност да има увид во потпишаниот договор за Јавно приватно партнерство помеѓу Градот Белград – Секретаријат за јавен превоз и приватните превозници кој може да биде и добра основа за подобар јавен градски превоз и за Скопје.
Тој додаде дека добра вест е што градот Белград планира да донира автобуси од марката „Соларис“.
„За жал, скопјани ќе мора да ги почекаат локалните избори за да се реши проблемот со кој секодневно се соочуваат- јавниот градски превоз. Јавниот превоз во Скопје е далеку од тоа што треба да биде, но секој ја носи својата одговорност. Ние разговаравме кога се правеа одредени законски измени во однос на градоначалници и мој личен став е дека е недозволиво да единствена позиција во оваа држава која што не може да биде отповикана е градоначалник и затоа тоа дава вакви резултати. Со ова се одговорив“ – ова пред три дена го истакна министерот за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање околу проблемот со јавниот превоз во Скопје и дали ќе се чекаат локални избори за да се реши истиот.
Во меѓувреме, барањата на Арсовска за набавка на нови еколошки автобуси со кредит, не наидува на разбирање кај советниците, а предизборното ветување за бесплатен градски превоз за сите, одамна веќе никој не го спомнува.