Николоски со убави вести: Во 2025 година шест нови авиолинии, од Скопје ќе се лета кон Дубаи, Барселона, Охрид се поврзува со Истанбул

Во текот на наредната година двата аеродроми во земјава, Скопскиот и Охридскиот ќе се поврзат со нови шест авиолинии, соопшти денеска на прес конференција министерот за транспорт Александар Николоски, кој на прес конференција ги соопшти резултатите од неодамнешниот јавен повик. Така, Скопје ќе се поврзе со Дубаи, со Барселона, Лион, Штутгард , а охридскиот аеродром со Истанбул и со Базел Милхауз.

Повикот кој што го распишавме во месец септември за нови авионски линии ги дава првите резултати – изјави Николоски додавајќи дека шесте нови авионски линии до скопскиот и охридскиот аеродром треба да донесат бројни нови туристи во Македонија и да го олеснат патувањето на нашите граѓани во странство.

Така, од 30 март 2025 година два пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Дубаи – Скопје со „Флај Дубаи“, исто така од 30 јуни 2025 годинас два пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Барселона – Скопје, од 30 јули 2025 година три пати неделно ќе се лета Скопје – Лион – Скопје со што се отвора јужна Франција прв пат како дестинација, како и три пати неделно на релација Скопје – Штутгард – Скопје, со што се отвора западниот дел на Германија, а тука е и Франција. Од Охридскиот аеродром два пати нделено ќе се лета на релација Охрид – Базел Милхауз – Охрид, и можеби најзначајната новина за нашиот туристички бисер е летот на „Туркиш ерлајнс“ ќе почнува редовно да лета од Охридскиот аеродром веќе од 30 март 2025 година на дестинација Охрид – Истанбул – Охрид.

Што значи дека Охридскиот аеродром го отвораме како дестинација кон најголемиот аеродром во Европа и аеродром кој што има најмогу конектинг летови, што е нова страница за аеродрoмот – истакна Николоски.

Четирите авиолинии, до Штудгарт, Барселона, Лион и Базел Милхауз ќе ги оперира „Визер“, појасни Николоски.

Тој посочи дека овие шест дестинации се директно поврзување со Дубаи, Барселона, со Штутгард, со Лион, со Базел и со Истанбул, и ќе донесат бројни нови туристи во Македонија, но исто така ќе овозможи и полесно патување за македонските граѓани.

Во процес сме на подготовка на втор повик кој што ќе се објави во наредните недели и кој што треба да донесе нови дестинации за што има интерес. Се надевам дека кон крајот на ноември или во декември ќе може да презентирам неколку нови дестинации кои што ќе летаат до охридскиот и до скопскиот аеродром – рече Николоски.

Тој додаде дека во летниот период од скопскиот аеродром оперирале 47 дестинации, а од охридскиот осум, додека во зимскиот 33 од скопскиот и четири од охридскиот аеродром. Целта е во 2025 година да има 200 илјади патници плус на двата аеродроми.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.