Во Македонија има само една Академија на науките и уметностите – Мицкоски: На теми кои етнизираат не сакам да бидам соговорник

Премиерот Христијан Мицкоски најави денес дека и советниците на ВМРО-ДПМНЕ во општините нема да гласаат за буџети со кои ќе се финансира работењето на т.н. албанска академија на науките.

-Од тоа што го слушам во медиумите е дека е здружение на граѓани, кое што е така наречено. Ставот на Владата, ВМРО-ДПМНЕ и на разни академици од различни националности е дека во Македонија има само една Академија на науките и уметностите. Јас не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации, туку за инфраструктура, училишта, булевари, паркови, рече премиерот Мицкоски на прес-конференција во Владата за раната фаза од формирањето на т.н. Албанска академија на науки.

Според премиерот, теми кои што етнизираат не се теми на кои што сака да биде соговорник.

-Има дел од опозициските партии во Парламентот кои што ќе го покачат или намалат рејтингот ако се разговара на вакви теми. Ние како Влада и јас како премиер остануваме посветени за доброто на сите граѓани без разлика на етничката припадност. Нема да зборувам за теми кои што полизираат. Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат такви буџети во рамките на општините – кажа Мицкоски откако беше објавено дека паралелната Академија најпрвин ќе се финансира од четири општини кои се раководени од функционери на коалицијата ВРЕДИ.