Почина поетот Михаил Ренџов
На 88-годишна возраст, денеска почина поетот и преведувач Михаил Ренџов.
Роден на 25 август 1936 година во Штип, Ренџов завршил гимназија во родниот град, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Работел во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство.
Беше член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Михаил Ренџов бил прв уредник на Блесок Поезија.
Автор е на книгите: Иселеник на огинот (поезија, 1965), Ноќно растење на зборот (поезија, 1967), Каде од оваа страна (поезија, 1968), На работ од сонот (поезија, 1972), Страв (поезија, 1976), Полноќ (поезија, 1979), Нерези (поезија, 1982), Аутодафе (поезија, 1985), Феникс (поезија, сонети, 1987), Земја. Потоп (поезија, 1991), Сонување патување (книга за деца, 1991), Тој (лирска поема, 1993), Шпил 33 (поезија, 1994), Вечната бесконечната (поезија, 1996), Јас оксиморон (поезија, 1998), Ангела сонува (поезија за деца, 1998), Псалми (поезија, 2000), Апокалипса (драмска поема, 2002), Раскази за Захариј (раскази, 2004). Покрај повеќето препеви, автор е на препевот на Гилгамеш, асиро-вавилонски еп (3 изданија: 1994, 1997, 2000).
Добитник е на наградите: Награда на СВП за необјавена песна (1964), „Ноемвриска награда на градот Штип“ за книгата „Иселеник на огнот“ (1965), „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Нерези“ (1982), „Григор Прличев“ за препевот на книгата „Тиранија на сонот“ од Каролина Илика, „Прличев ловоров венец“ за поемата „Тој“ (1993), “Grand prix international” за севкупно творештво, Романија (1997), „Златно перо“ за препевот на книгата „Мудрости и горчини“ од Дритеро Аголи (1998). „Ацо Шопов“ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), Македонска номинација за наградата „Балканика“ (2000), „Рациново признание“ за „Раскази за Захариј“ (2004).