Државата му должи на ЕВН 60 милиони евра, 3 години не е платен денар на име субвенционирана струја
Министерката за енергетика Сања Божиновска на денешната прес-конференција кажа дека ЕСМ е во многу лоша состојба и ќе бидат потребни финансиски средства за справување со грејната сезона. Министерката дополни дека тоа е причината зошто од септември месец се набавуваат големи количини електрична енергија.
Следните седум дена ќе правиме точен енергетски биланс и се надеваме дека ќе ги имаме точните бројки за потребна електрична енергија. Сето тоа зависи и од хидрологијата. Во моментов акумулациите се полни само со 24 отсто што воопшто не е во ред, меѓутоа може да се наполнат акумулациите ако ноември е дождлив. Што се однесува за финансии – со премиерот имаме дискутирано и тука, иако не е финализирано, имаме добри шанси да набавиме финансиски средства. Се уште немаме разговарано како, но ќе бидат домашните банки – рече Божиновска.
Министерката рече дека кон ЕВН има голем долг кој не е платен во изминативе 3 години, но дека се договориле тој да се исплаќа повеќе години.
Изминатите три години не е платен ниту денар на име субвенционирана струја. Тоа што го гледавме на сметките дека владата го покрива како трошок на граѓаните не е платено. Сметката стигна сега. 60 милиони евра е долгот во однос на ова што го имаме. Разговаравме со ЕВН за долгот. Тие се свесни за состојбата на нашиот буџет кажаа дека ова не е нешто што треба да се врати за една или две години и дека се спремни да дискутираме. Знаат дека тоа ќе биде долгорочно – додаде Божиновска.