Трипуновски: Сè уште не е утврдена производната цена за оризот, за 2025 година ќе се предвидат средства за откуп за стоковите резерви
Производната цена на оризовата арпа, што претставува основа за формирање на откупната цена, сè уште не е утврдена, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, при денешната посета на традиционалното рачно зажнејување во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
Нагласи дека за да им помогне на оризопроизводителите при пласманот, државата ќе откупи дел од овогодишното производство за потребите на стоковите резерви.
Производна цена од оваа реколта не сме утврдиле. Со заклучок на Влада е задолжена Агенцијата за стокови резерви да ги измени сите правилници, уредби и програми и да се превидат средства за 2025 година, каде што оризот, согласно Законот за стокови резерви, ќе се откупува за чување за потребите на државата. Првичните информации се дека ќе имаме зголемен род и богата жетва, согласно на тоа и квалитетот ќе биде добар, односно рандманот ќе биде висок во однос на претходните години – истакна Трипуновски.
Во врска со поплаките од земјоделците дека поради увоз на бел ориз на залиха имаат околу пет илјади тона оризова арпа од минатогодишното производство, министерот нагласи дека не се работи за големи количини што можат да влијаат за намалување на откупните цени.
Согласно информациите што ги добив од Државниот земјоделски инспекторат нема сериозна количина увезен ориз, онаа количина што е во минимални рамки ја контролираме согласно квалитетот и безбедноста што треба да бидат запазени. Наша цел е кај оризот, но и кај сите останати култури, да работиме да го заштитиме домашното производство. Преостанатите залихи од минатата година се многу помали, во разговор со компаниите тие почнуваат да го откупуваат, а ние работиме земјоделците да имаат откупена количина ориз по рентабилна цена што ќе значи стимул за да се произведува во наредниот период – додаде министерот Трипуновски.
Во претстојниот период Министерството за земјоделство ќе следи како се одвива откупот на оризот и дали компаниите ги почитуваат сите законски норми, за да нема злоупотреба и манипулација на трудот на земјоделците.
Министерот Трипуновски нагласи дека со измена на Програмата за водостопанство се обезбедени финансиски средства за набавка на резервни делови за механизацијата што во текот на зимскиот период ќе работи на подготовка на каналската мрежа за наводнување во новата производна сезона. Во АД Водостопанство се подготвуваат одредени структурни реформи за да се зголеми неговата функционалност, затоа што имало партизирање со превработувања, не се инвестирало во системите за наводнување, а фокус бил ставан на непродуктивни трошоци