СПРЕМЕН ПРЕДЛОГОТ ЗА ЕСЕНСКАТА КОШНИЧКА – Цените не се замрзнуваат, маржата се ограничува до 10 отсто

На следната владина седница треба да се најде предлогот за есенската потрошувачка кошница, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Во изјава за медиумите Мицкоски рече дека е постигнат договор и дека предлогот на Министерството за економија и труд вчера бил доставен до Владата.

– Имаше вчера предлог од страна на министерот за економија, кој е резултат на средбата што ја имаа надлежните со производителите и со трговците. Рековме дека работите ќе ги решаваме преку дијалог, беше постигнат договор и истиот ќе биде веќе на следната владина седница. Вчера не беше поради определени технички причини, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница во вторник да биде на дневен ред, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета во општина Аеродром.

Министерот за економија објасни дека ниските цени во рамки на есенската потрошувачка кошничка ќе важат еден месец, а слични кошнички ќе има и за Божиќ и за Рамазан. Министерот Дурмиши објасни дека од крајот на овој месец стартува и примената на Законот за нефер трговски практики кој дополнително ќе ги намали цените.

За Законот за нефер трговски практики што треба да стапи во сила од 28-ти овој месец, рече дека доколку не добијат конечен став од бизнис секторот, ќе се оди според предвидената динамика.

До вторник треба да биде познато кои прехранбени производи ќе бидат опфатени со есенската потрошувачка кошница. На ова во изминатиот период работеше работна група со претставници од министерствата за економија, финансии и земјоделство.