ЛЕСНО ДОКАЖЛИВО: Кој договори отстапки од македонските „црвени линии“ во комисијата со Бугарија

Заедничката комисија за историски и образовни прашања со Бугарија беше формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година. Иако се знаат бугарските ставови сепак не убедуваа дека таа ќе донесеше објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази, со цел продлабочување на заемната доверба.

Во надлежноста на историската комисија се и образовните прашања, односно содржината на историските учебници. Комисијата може да даде препораки врз основа на кои македонската влада ќе изготви методолошки упатства и учебници, како и други учебни материјали.

Тука се наметна проблемот за двете верзии за историјата, односно македонската и бугарската историографија и соодветните историски извори што се користат од двете страни.

Повеќемина познавачи посочија дека нема реципроцитет за историските учебници и на овој начин македонското образование може да се доведе во потчинета положба и дека во бугарските учебници нема да биде претставени историските извори, документи и сведоштва на македонската историографија, воопшто видувањата на македонските историчари.

Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, поранешен член на комисијата, на 15-та редовна средба на комисијата биле нарушени договорените принципи, односно консензуалното носење на одлуките. На оваа средба, под влијание на двајца македонски членови на комисијата, имало отстапки за средновековниот владетел Самуил. Македонските членови на комисијата испратиле две пораки до бугарските колеги, а тие пораки биле причината за напуштање на работата на комисијата од страна на Ѓорѓиев.

– На некој начин насилно. Имавме интензивна дебата и реков дека не се согласувам со тоа. Меѓутоа пораките беа разменети – посочи Ѓорѓиев, за Нова Македонија.

Според него, препораките од страна на македонските членови на комисијата до нивните бугарски колеги беа прекршување на македонските „црвени линии“. При мешаната комисија од страна на двете министерства има технички секретари, кои се грижат за организација на комисијата и кои не учествуваат во нејзината работата. За време на работата на комисијата, тој ден, внатре бил висок функционер на Министерството за надворешни работи. Човек кому не му е местото тука. На некој начин тој беше тука да дава инструкции – вели Ѓорѓиев.

За политичката димензија и работата на комисијата, Ѓорѓиев вели дека токму тогаш, меѓу двата изборни круга, некој го избрал моментот за да ги прекрши македонските „црвени линии“, да отстапи од сето она што дотогаш било разговарано.

– Тоа е лесно докажливо ако се разгледаат записниците пред една година како течеле. Какви препораки сме нуделе – нагласи Ѓорѓиев.

Од нашите отстапки, направени поради политичко влијание над македонскиот дел од комисијата во врска со прашањата за цар Самуил, беа прекршени основните принципи на работењето на комисијата, засновано врз историско-научниот принцип. Наедно, принципот дека комисијата требаше да биде ослободена од политичките притисоци и стеги, исто така беше прекршен. Со тоа, работата на македонскиот дел од комисијата целосно беше компромитиран. Продолжувањето на работата по таков преседан, би можело да оди само во корист на нашата штета. А, секако, во корист на бугарските хегемони цели, нагласи своевремено професорот Ѓорѓиев.