Антикорупциската комисија отвара предмет за трошоците на Костадиновска-Стојчевска
Антикорупциската комисија отвара предмет за трошоците на екс министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска при службеното патување во Лондон. Ова е единствениот начин да се утврди фактичката состојба.
-Од аспект на корупција и етичко работење, секако дека користењето на службена кредитна картичка за лични потреби е сериозно прашање. По отварањето на предметот, ДКСК утре ќе се обрати до Министерството за култура со барање за обезбедување на целосната документација која се однесува на службениот пат, со цел утврдување дали средствата од службената кредитна картичка се трошени не само за службени туку и за приватни цели и дали сите средства се вратени на картичката, изјави за Телма претседателката на ДКСК Татјана Димитровска.
ВМРО-ДПМНЕ втор ден тврди дека на патувањето во Лондон минатиот октомври, екс министерката со буџетски пари пазарела за приватни потреби. Два куфера Самсонајт платила 278 фунти, 89 фунти дала за плишано мече и фудбалска топка, или вкупно, за шопинг потрошила 714 фунти. Потоа, велат од партијата, за да ги оправда потрошените пари, ги поднела сметките во Министерството.
-Оваа сметка е доставена лично од Бисера Антоанета до сметководството во Министерството за култура, а ова е нејзиниот потпис на истата. Бисера Антоанета куферите ги купила на 26.10.2023 и тоа се гледа од оваа сметка каде што како купувач е запишана таа и на која истата се потпишала кога ја однела во Министерството за култура за да ги правда потрошените пари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
Премиерот Мицкоски очекува реакција од Јавното обвинителство и најавува дека ќе се објавуваат сите злоупотреби во изминатите 7 години.
Бисера Костадиновска-Стојчевска најавува тужба за ВМРО-ДПМНЕ која ја нарекува фалсификаторска партија, дезинформатор и манипулатор. Го повикува Лефков јавно да „ја чешлаат“ нејзината службена картичка. Тврди дека трошоците за лични потреби се направени од приватна сметка, а „сите трошења кои биле нужни за службеното патување се од службената картичка согласно правилниците“.
-Дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваат на нужност да обезбедам основни услови за мое нормално функционирање на службено патување после лет на кој авио-компанијата ми го изгуби багажот. И да, купив куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Останатиот дел е тешка манипулација и целосна невистина, вели поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска се сомнева дека ова се лаги и измислици кои служат да ја оцрнат нејзината работа, во ситуација кога Обвинителството побарало Министерството за култура да ги предаде извештаите за трите службени картички на екс министерката Елизабета Канчевска-Милевска, од кои ќе стане видлив нејзиниот шопинг во Италија за 30 илјади евра.