Има ли поголема брука од тоа што градителот на дивиот објект во Чаир државата го бара на оглас?!
Среде Скопје, на очиглед на граѓаните, никнува голема дивоградба, но верувале или не, државата не може да го најде сопственикот.
Да биде иронијата поголема, градителот на дивиот објект во Чаир државата го бара на оглас!
Општината и Градот Скопје ја убедуваат јавноста дека не знаат кој гради без дозвола кај ТЦ Мавровка. Па повторно велиме, верувале или не, во “потрагата“ се вклучи и Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје.
Од овој сектор на МВР велат дека постапуваат за нелегални градежни активности во реонот на трговскиот центар Мавровка и преземаат соодветни мерки и активности за утврдување постоење елементи на кривично дело што се гони по службена должност по чл.244-а „Бесправно градење“.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека за преземените мерки и активности до Основното јавно обвинителство во Скопје е доставено писмено известување согласно Законот за кривична постапка.
-Единицата за економски и компјутерски криминал и понатаму презема мерки и активности во координација и по насоки на ОЈО Скопје, а по завршување на активностите и комплетирање на документацијата до Основното јавно обвинителство во Скопје ќе достави соодветен поднесок, за што дополнително ќе биде известена јавноста, се наведува во соопштението од МВР.
Во последните неколку дена евидентно е дека градежните работи на објектот Фонтана се во прекин, а од петокот почна да тече рокот од 8 дена од општина Чаир со кој се известува сопственикот дека објектот е дивоградба и треба да се урне.
Тендерот вреден повеќе од еден милион денари ќе се користи за уривање и на други незаконски градби и е во важност од една година. Од тие причини неговата важност ќе продожи и доколку во меѓувреме инвеститорот се пријави сам да го стори тоа.
И додека се изнаоѓа решение, за обвинителството и полициијата инвеститорот останува мистерија – велат се во фаза на собирање докази за утврдување на неговиот идентитет . Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за Канал 5 изјави дека тој го познава кој е сопственикот и дека веќе се обидел да го исконтактира, но неуспешно. Вели дека дека неговото идентификување не е во надлежност на општината, туку на полицијата.
-Јас барав преку приватни канали да дојде во општина, но не дошол. По службен пат сме ги терале сите процедури, значи од 10-ти јули таму излегол инспекторатот на лице место, потоа сме донеле решение за уривање на објектот од самиот ивнестутор, на лице место го немаше инвеститорот, немаше кој да го прими решението, па ние бевме обврзани правно да одиме во втор чекор, вели Ганиу.
Но, се уште останува нејасно зошто надлежните не реагираа уште кога објектот почна да се гради..На ова Ганиу дава одговор дека општината претходно немала распишано тендер за уривање на градби, и затоа само испраќале предупредувања до инвеститорот.
Најголемата брука следуваше кога стана јасно дека сопственикот ќе се бара преку ОГЛАС. Општина Чаир распишала ТЕНДЕР за уривање на дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“.
„Работни активности за уривање на дивоградби“ е насловот на тендерот вреден повеќе од еден милион денари што го распиша општина Чаир. Од општината појаснуваат дека се работи за тендер за избор на компанија за уривање на илегалниот објект изграден на терасата на кафулето „Фонтана“ кај ТЦ Мавровка, но избраната компанија ќе се користи за уривање и на други дивоградби.
Во меѓувреме се уште се истражуваат и причините за пожарот кој настана во стариот дел на кафулето “Фонтана”, кој се случи на први мај годинава за време на полицискиот час.
Локалот „Фонтана“ неодмана изгоре, а на негово место никна дивоградба, но затоа во катастарот нема промени на сопственицие на парцелите. Неколкуте поединечни парцели пред објектот Мавровка ги поседуват една фирма, сопственикот на „Франк“, парче земјиште припаѓа на Република Македонија, и една парцела има едно лице од Арачиново чијашто намена е кафуле, со ознака Б-1.
Влада постизборно уште нема, но идната може да го урне објектот ако тоа не го сторат општинарите. Инспекцискиот совет, пак, седи на страна, а доколку општината Чаир не постапи согласно ингеренциите, Владата може да им ги одземе надлежностите. Во таква ситуација државниот инспекторат може а побара од министерството за транспорт и врски да им ги пренесе ингеренциите за да можат да уриваат безправно изградени објекти, објави телевизија Телма.