Три лица се убиени, а едно е тешко рането во престрелката што утрово се случила во Гимназијата во Сански Мост БиХ.
Оваа информација за Ослобоѓење ја потврди Аднан Бегановиќ, портпарол на МУП на УСК.
„Засега можам да потврдам дека во Гимназијата било употребено огнено оружје, а три лица загинале, а едно е тешко повредено. Сите други детали ќе бидат познати по истрагата“, изјави Бегановиќ.
Според првите информации, помошен работник во тоа училиште наводно влегол со оружје и отворил оган врз професорите кои во тој момент имале состанок.
Како што пишува Аваз.ба, осомничениот се обидел да си пресуди по делото.
„Пукањето се случило во 10:15 часот. Мажот Н.Н. со автоматско огнено оружје убил тројца вработени во училиштето. После тоа најверојатно се обидел да си пресуди и се здобил со тешки повреди. на местото на настанот“, изјави портпаролот на МУП на Унско-санскиот кантон.
Според неофицијални информации тој си пукал во глава. Тој во моментов е во тешка состојба и е префрлен во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска во Бања Лука.
Станува збор, неофицијално, за човек кој бил вработен како чувар во училиштето. Тој, исто така, неофицијално, ги убил директорот на училиштето, секретарот и професорка. Влегол во училиштето вооружен со автоматско оружје, упаднал на состанок и извршил масакр.
Мотивот наводно се одредени несогласувања кои постоеле и претходно бидејќи тие што ги застрелал биле во комисијата која го суспендирала.